Свесни сме дека одговорноста е многу голема и среќни сме што имаме супер тим: Предевровизиско интервју со тин-ѕвездите од „Дајте музика“

Свесни сме дека одговорноста е многу голема и среќни сме што имаме супер тим: Предевровизиско интервју со тин-ѕвездите од „Дајте музика“

Објавена во: Музика, Интервјуа

Анастасија, Филип, Кики и Миха,односно тин-ѕвездите од детскиот серијал „Дајте музика“ и нашите овогодишни претставници на Јуниорската Евровизија, веќе наголемо се подготвуваат за претставувањето пред европската публика на 19 декември (недела).

Тие веќе се пристигнати во Париз, градот во кој оваа година ќе се одржи 19-тата Јуниорска Евровизија по ред. „Green Forces“ е насловот на песната преку која Анастасија, Филип, Кики и Миха ќе испратат порака до цела Европа за климатските промени.

За Хаштаг, овие четворица тинејџери, дикретно од Париз откриваат кои се нивните очекувања и како течат подготовките пред големиот настап.

# Како реагиравте кога ви соопштија дека вие ќе бидете овогодишни претставници на Детската евровизија?

ФИЛИП: Пред снимањето на третата сезона на „Дајте музика“, нашата продуцентка Цаци Паковска нѐ праша дали сакаме да учествуваме на Детската евровизија. Бевме изненадени. WOW, од каде??! Но идејата беше голем предизвик за сите нас!

# Во песната пеете за климатските промени. Дали вие ја одбравте пораката што ќе ја испратите на 19 декември до цела Европа?

АНАСТАСИЈА: На некој начин самите ние учествувавме во изборот на темата. Идејата ни дојде од еден наш голем успех во првата сезона на „Дајте музика“ со песната „Има ли воздух“, која ја испеа Филип. Оваа песна беше „Бубамара хит“ и со неа настапивме на доделувањето на нашата прва „Златна бубамара на популарноста“ за најдобра детска емисија за 2019 година. Исто така, во серијалот имавме и неколку епизоди во кои се обработуваше темата екологија.

КИКИ: Изминатиот период многу истражувавме и учевме за проблемите со загадувањето, за климатските промени и за глобалното затоплување. Сфативме дека се тоа сериозни проблеми, кои можат да остават сериозни последици за 20 – 30 години отсега. Се скратила скијачката сезона, Скопје има повеќе комарци, регистриран е нов рис во Маврово, на Водно се појавиле рој бубачки итн. Ете, тоа се сѐ последици од влијанијата на климатските промени, а Македонија е една од десетте најзасегнати земји. НИЕ сме генерацијата која мора да направи разлика и затоа сакаме да ги поттикнеме своите врсници, па и нивните родители, да се однесуваат одговорно. Да поттикнеме што е можно повеќе деца во Европа, па и во светот, да се грижат за иднината на нашиот единствен дом – планетата Земја.

# Вашата песна и спотот на Јутјуб-профилот на Детската евровизија имаат голем број прегледи. Колкава сатисфакција е тоа за вас и дали сметате дека е тоа добар знак за висок пласман?

МИХА: Видеоспотот досега има преку 1,4 милиони прегледи од објавувањето на 12 ноември. Ние сме пресреќни поради тоа! Особено ни е драго што има многу добри коментари за песната!


# Кои се вашите очекувања? Има ли Македонија шанси за победа?

АНАСТАСИЈА: Ние знаеме дека овој настап е поразличен од сите што сме ги имале досега. Имаме учествувано во 90 епизоди од серијалот „Дајте музика“, кој има издадено 3 музички це-деа, при што секој од нас има своја песна. Четворицата имавме заедничка театарска претстава, имавме неколку настапи во живо на разни настани и сето тоа искуство многу придонесе за нас во процесот на подготовки за Детската евровизија.

КИКИ: Свесни сме дека одговорноста е многу голема и среќни сме што имаме супер тим кој работи со нас! ИМ БЛАГОДАРИМЕ!! Благодарни сме ѝ и на Македонската телевизија што ни ја даде можноста да ја претставуваме нашата земја на најголемата јуниорска сцена во Европа, на која ќе пренесеме важна порака која го засега целото човештво.Таа можност ја сметаме како победа сама по себе.

# Како течат подготовките за настапот? Имате ли веќе смислено сценски настап и знаете ли во што ќе се појавите на сцената во Париз?

ФИЛИП: Во моментов сме навистина активни. Работиме на кореографијата, имаме вежби и за пеење и за кондиција, посебен режим на исхрана и разни обуки и едвај се постигнува со училиштето, но им благодариме на сите наставници за разбирањето. Навистина ни значи!

МИХА: Костимите за настапот се веќе на пат за Париз. Ние заминавме на 12 декември, а поради здравствените мерки и протоколи таму до настапот на 19. ќе бидеме во карантин, како и другите делегации. Но, се имаме едни со други и тоа ни е најважно! 

Ивана Мисајловска

Објавена во: Музика, Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: