Теа Трајковска: Постојано имам фикс - идеи за нови фризури

Теа Трајковска: Постојано имам фикс - идеи за нови фризури

Објавена во: Мода // Moj стил

Пејачката Теа Трајковска, ги сподели своите трикови и тајни за убавина. 

# Каков е твојот дневен козметички ритуал?

- Денот ми почнува со задолжително миење и чистење на лицето и голема шолја кафе. Потоа се разбира дневна крема, а доколку немам работни дневни обврски, гледам да го одморам лицето од шминка што повеќе е возможно.

# Со какви препарати го негуваш лицето?

- Тоник за лице, дневна и ноќна крема и повремено маски за тип на кожа како мојата.

# Посетуваш ли козметички салони?

 - Третман за лице немам направено некое време, затоа што за среќа сум немала потреба. Соодветната нега е клучна за кожата, а за летниот период „тајната” ми е сонце - витамин Д, морска вода и хидратација.

# Кои производи ги употребуваш за нега на коса?

- На косата морам да признаам дека и посветувам многу внимание, меѓу другото бидејќи ја фарбам веќе 10 години и не постои боја, варијанта и должина што ја немам пробано. Веќе долго време моите фикс - идеи за нови фризури и целата нега на мојата коса се во рацете на Дарко Петковски, „Hairhouse” и после се што имаме направено до сега, најверојатно само поради него уште ми стои косата на главата.

# Што сакаш да прикриеш, а што да истакнеш со шминка?

- Заљубена сум во мејк-ап, пратам мејк-ап трендови и „soft spot“ ми е трошење пари на шминка. Мислам дека шминкањето е цела уметност и начин на израз (се додека се прави на вистинскиот начин). Би издвоила како совет само дека „less is more” и тоа дека акцентот треба да биде или на очите или на усните, а не да се претера и да се гледа на нешто што треба да е разубавување, како на маскирање.

# Кои се твоите омилени козметички производи?

- Не сум роб на конкретни брендови и сакам да ескпериментирам и пробувам нови работи, ама ако треба да кажам „faves“ од декоративна козметика тоа би биле пудрата на „Kat Von D“, „Naked“ палетите и маскарите на „L'Oréal“.

# Што може да се најде во твојот несеср?

- Пудра, бронзер, маскара, кармин во „nude“ тонови и лабело - „a must“.

Омилен парфем?

- „Armani - Diamond“ (отсекогаш и засекогаш)

# Како ја одржуваш линијата?

- Искрено никогаш не сум била опседната со својата линија. Имало денови кога сум имала неколку килограми плус од сега, и такви кога сум била послаба. Важно ми е да се обидувам да живеам поздраво, колку што е возможно и ми налага денешното темпо на живот.

Д. К.

Објавена во: Мода // Moj стил

Можеби ќе ве интересира: