Театарска претстава за меѓуврсничко насилство: Децата од прва клупа
На 13ти декември оваа година, со почеток од 18 часот, преку онлајн платформата Zoom, ќе се реализира проектот „Децата од прва клупа“ преку изведување на истоимената драмска претстава, која е дел од проектот подготвен од Булфрогс Продукција и Здружението за уметнички и едукативни вредности – ДрамАрт, а поддржан од Град Скопје.
Претставата е наменета за сите средношколци на возраст од 15-18 години, запишани во средните училишта на Град Скопје.
„Децата од прва клупа“ обработува теми поврзани со меѓуврсничко насилство, преку прикажување на различни искуства за меѓуврсничко насилство кои ги доживеале младите. Целта на оваа претстава е преку актерска игра да се прикажат последиците од меѓуврсничкото насилство кај младите, како и да се поттикне негово препознавање од страна на младите. По претставата, публиката ќе има можност да се вклучи во отворена дискусија за меѓуврсничко насилство со актерите и педагозите.
Бидејќи секој од нас е сведок дека насилното однесување зема се поголем замав, ваквите видови на проекти можат само да придонесат позитивен раст во однос на намалување на врсничкото насилно однесување. Кога го споменуваме насилното однесување мислиме на прекршување на правата на децата или младите или загрозување на нивниот живот. Начини на кои можат да се прекршат нивите права се многубројни, без разлика дали станува збор за навреда, удирање, дискриминација, отфрлање или било која активност што предизвикува вознемиреност, срам, или страв може да се смета за насилство. Прекршувањата на правата на децата и младите не се случува само во рамките на семејството. Тие се случуваат на улиците меѓу врсниците, а во последно време најмногу во училиштата. Од таа причина е инспирацијата за започнување на нашиот проект кој треба по неговата реализација да покаже позитивни ефекти и намалување на насилствата помеѓу врсниците.
Продуцент на претставата е Александра Никифоровски - Булфрогс Продукција, во соработка со Здружението за уметнички и едукативни вредности – ДрамАрт, режијата е колективна, а во претставата играат актерите Мики Анчевски, Марија Ѓорѓијовска, Винета Дамческа и Бојан Лазаров. Како стручни лица во областа на педагогијата се вклучени Мила Пановска и Сузана Аврамовска.