„Тоа што го твориме во овој век ќе го обликува и наредниот“: Савче Ѓошева „За изгубените вредности“
На почетокот на месецот се одржа 24-тата Ораторска вечер „Иво Пухан“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Во конкренција од 14 говори, само 8 влегоа во финалето. Осумте оратори, на чело со нивните говори се бореа за една од четирите награди, а оние четири кои останаа без нив, не загубиле - туку само добиле мотив плус за следната година да бидат уште подобри.
Прв говор, кој ќе имате можност да го прочитате на Хаштаг е говорот на Савче Ѓошева. Таа е студентка во трета година на Филолошкот факултет „Блаже Конески“ - насока Англиски јазик и книжевност. За себе вели дека е огромен вљубеник во книжевноста и уметноста, кој смета дека ако човек не се обиде да твори нешто, не може да знае дека постои.
Савче говореше „За изгубените вредности“, а нејзинито говор ќе може да го прочитате во продолжение:
Кога престанавме да размислуваме за сѐ она што ни се срвира пред нас? Не само што не размислуваме туку и лакомо грабаме сѐ што ни се продава.
Еден цитат од Славко Јаневски вели „Утре секој ќе пишува ама никој не ќе чита“. Е тоа утре веќе пристигна. Еден индикатор за тоа во која насока се движи општеството е уметноста. Уметноста е таа која го отсликува или подобро речено пресликува светот. Тоа што го твориме во овој век ќе го обликува и наредниот. Па како тогаш ги изместивме нашите идеали и наместо потрага по убавото, по оригиналното и вистинското во светот, ние имаме свет на консумеризам? Еве, земете ги книгите на пример. Ако направите анализа за да видите кои се најдобрите книги моментално ќе увидите дека тие се всушност најпопуларните. Не се сеќавам кога последен пат некоја издавачка куќа препорачала некоја класична книга. Тука луѓето ќе ви речат, па до „мејнстримот“ е, искривени се вредностите, сѐ се врти околу профит. Можеби точно е, моќта од рацете на луѓето да одлучуваат се повеќе се сврте во рацете на медиумите. Преубаво спакуван производ, а внатре вредност нема и нема ни да те поттикне кон естетско обликување на твоите мисли. Сепак и ние сме „мејнстримот“. Ние посветивме цела хиерархија да ни ги даде најдобрите книги за на крај да сфатиме дека тие се едноставно најпродаваните. Значи не сме способни да одлучиме што е вредно а што не. Не ни мислиме. Е тоа не води кон амбис. А од амбисот на немислење никој не може да излезе. Денес секој си печати книги, небитно дали има талент и приказна. Којзнае колку јавни личности, си објавија свои автобиографиии во само последнава година. Се прашувам зошто мислат дека нивните животи се толку вредни па да се преточат во книга? Па не може и не треба баш секој да твори нешто без притоа да нема идеја или знаење што треба се принесе. Убавината е таа која што треба да се бори против комерцијалното општество. Само ако и се даде шанса. А шанса може да ѝ се даде со голем напор за поттикнување на мислата од сите оние што тврдат дека шират знаење. Оти убавината е блескавоста на човековата мисла, највисокиот стадиум од знаењето што влева надеж во животот. Што дава му душа. Можеби не сите ќе тргнат да ја бараат, ама тие кои ќе горат за знаење, со свест и совест ќе тргнат во тој подвиг. Можеби затоа сѐ повеќе треба да се говори, сѐ помалку да се молчи и пламенот ќе се рашири. Зашто како човечко битие, нашиот дострел секогаш треба да биде кон создавање на убавото или барем едноставно негово прикажување. Нам низ сите векови човеково постоење досега ни било оставено творештво како трага вдлабната во оваа планета. Ние како денешни творци треба еднакво да придонесеме кон тоа творештво. А што оставаме ние на иднината? Што создадовме, па за да оставиме? Се плашам, само се плашам дали и во иднина ние ќе успееме да ги допреме срцата, онака како што Шекспир сѐ уште го допира нашето срце.
фото: Правен факултет