Трајче Ѓоргиев: „Сестра ми е главниот виновник што успеав да го покажам својот талент“!

Трајче Ѓоргиев: „Сестра ми е главниот виновник што успеав да го покажам својот талент“!

Објавена во: Музика, Интервјуа

Момчето кое го запознавме од музичкото натпреварување „Пинкове ѕвездице“, Трајче Ѓоргиев како преку ноќ да порасна пред нашите очи. Сега веќе има 18 години и веќе има сериозни планови и желби за тоа како да си го осигура своето место на музичкото небо. За своите музички почетоци, големиот број обожавателки, популарноста, но и идни планови, Трајче ни откри интересни работи. Во продолжение прочитајте што тој откри за hashtag.mk...

# Се натпреваруваше во првата сезона од музичкото натпреварување „Пинкове ѕвездице“ и беше актуелен како во нашата држава, така и во Србија. Но, што прави Трајче денес?

Да за првпат народот ме слушна и запозна кога настапив на сцената на талент шоуто Пинкови ѕвездички каде што имав можност да го покажам мојот талент и да се здобијам со голем број на публика која што со нетрпение го очекуваше секој мој следен настап. После шоуто почнав да настапувам на голем број интернационални фестивали во Германија, Албанија, Романија,Белгија и Америка каде што освоив повеќе награди и медали.

# Кој беше виновникот за твоето пријавување во ова натпреварување?

Никогаш не замислував дека ќе бидам учесник на некое талент шоу, но кога сестра ми ја виде рекламата на Алфа ТВ реши да ме пријави што значи таа е главниот виновник што успеав да го покажам својот талент пред целиот Балкан.

# Колку ова натпреварување ти го промени животот?

Се случи драстична промена во мојот живот, луѓето ме препознаваа, едни застануваа да се сликат, други да ме прашат нешто за натпреварот, голем број девојчина по цел ден беа пред мојата куќа и врескаа кога ќе ме видеа. На почетокот бидејќи сето тоа беше ново за мене ми беше малку чудно, но полека ден за ден почнав да се привикнувам.

# Кој твој настап од Ѕвездички ќе го одвоиш како омилен?

Би одвоил два настапи, едниот во вториот круг кога пеев од Бруно Марс бидејќи со таа песна го направив првиот бум, го препознаа мојот талент и медиумите почнаа да пишуваат за мене, и вториот настап во петтиот круг кога пеев шпанска песна од Давид Бисбал истиот тој ден ми беше роденден имав прекрасен настап на кој жирито ми се поклони, а целото студио ечеше од аплаузот и гласните овации на публиката.


# Кој коментар ти беше најголема мотивација за да продолжиш понатаму во остварувањето на твоите цели?

Секој коментар од жирито беше добронамерно кажан, но би издвоил некои кои ми се голема мотивација за да продолжам понатаму и да не се откажувам од пеењето, а тоа се кога ми кажаа дека имам вонсериски талент, дека сум за светска сцена, дека пред мене е светла иднина и никогаш да не се откажувам од својот талент.

# Се уште немаш објавено ниту една песна, ја чекаш вистинската, вистинското време за тоа или пак нешто сосема трето е во прашање?

Да, на таа тема се зборува најчесто и тоа е едно од честите прашања на луѓето - кога ќе излезе првата песна. Досега не снимав песна бидејќи бев во фаза кога почна да ми се менува гласот како на секое момче во тинејџерските години, па морав да почекам додека да помине тој период, да ми се оформи бојата на гласот па сега мислам дека е погоден момент за тоа и се надевам дека во најскоро време ќе биде промовирана мојата прва песна која ќе биде во соработка со продуцентот Лазар Цветкоски и Магдалена Цветкоска.


# Како се спрашуваш со големиот број обожавателки?

Кога бев помал тоа ми беше малку чудно, но сега кога се привикнав среќен сум што знам дека има голем број на девојчиња и возрасни луѓе коишто ме сакаат, ме ценат, луѓе кои ме поддржуваа во текот на натпреварот и кои ќе ги слушаат моите песни, па затоа ги поздравувам и им се заблагодарувам со цело мое срце.

# Што е она што би го издвоил како најдобро нешто од популарноста, но и како најголема негативност од истата?

Позитивните работи се што запознаваш голем број на луѓе со кои што можеш да соработуваш, знаеш дека имаш свои фанови кои што те сакаат и сакаат да ги слушат твоите изведби, од лошите страни досега не сум осетил многу освен што некогаш се прашува многу повеќе за приватниот живот отколку што би сакал да откријам, некој е во твоја близина само од корист.

# Каде се гледа Трајче за 10 години?

За 10 години се гледам на моја турнеја, почнувајќи од Македонија па низ светот, па можеби и да застанам на иста сцена со моите идоли Џеси Џеј и Давид Бисбал.

# Кој хаштаг го користиш најчесто?

Не користам многу хаштагови, но ќе ги издвојам #music и #mood.

Ивана Мисајловска

Објавена во: Музика, Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: