Универзитетско студентско собрание при УКИМ: „Бараме формирање на консултативно тело за преземање на економски мерки за финансиска поддршка на студентите“

Универзитетско студентско собрание при УКИМ: „Бараме формирање на консултативно тело за преземање на економски мерки за финансиска поддршка на студентите“

Објавена во: Совети // School zone

Почитувана јавност,
Почитувани студенти, младински организации и институции,

Коронавирусот е најголемиот предизвик со кој се соочува нашата генерација, а здравствените, економските и социјалните последици се неспорни. Наша обврска како претставници на студентите е да сториме се што можеме како би ги минимизирале штетните последици. Студентите како ранлива категорија најчесто се финансиираат од приходите на своето семејство, а овие приходи се значајно намалени од почетокот на кризата. Дополнително, студентите кои своето студирање го финансираат самостојно, исто така, се сериозно погодени од оваа криза, имајќи го предвид фактот дека голем дел од нив работат хонорарно и привремено, па не се опфатени со досегашните економски мерки. Сето ова доведува до голема финансиска несигурност кај студентите и нивните семејства загрозувајќи го продолжувањето на образовниот процес на студентите кои се погодени од кризата.

Лошата економска ситуација на студентите е проблем кој може да се надмине само со стабилно и систематско дејствување, па затоа сметаме дека треба веднаш да се започне со работа на конкретни структурни мерки кои би имале задача да ја олеснат оваа ситуација. Оттука, Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ покренува иницијатива за отварање на консултативни разговори помеѓу сите субјекти кои работат на прашања поврзани со студентите. Бараме формирање на консултативно тело за преземање на економски мерки за финансиска поддршка на студентите во кое ќе учествуваат: Универзитетските студентски собранија на сите универзитети во државата, младинските организации, Агенција за млади и спорт, Министерство за образование и наука, Министерство за финансии, Владаи партиски подмладоци.Целта на оваа консултативна група ќе биде да предложи краткорочни и долгорочни мерки за финансиска поддршка за студентите и нивните семејства кои се погодени од моменталната криза. Семејствата во кои има студенти имаат поголеми месечни трошоци од останатите, па затоа сметаме дека потребни се дополнителни мерки кои би ја олесниле финансиската ситуација во која се наоѓаат и би овозможиле непречено фокусирање на образованието.

Сметаме дека првиот состанок каде веќе ќе се предложат и ќе се дискутира за конкретни мерки треба да се одржи што е можно побрзо, веќе следната недела во периодот од 21 до 24 април.

Ајде да бидеме разумни и да најдеме соодветни решенија на проблемите со кои се соочуваме. Во време на криза нема простор за индивидуализам, мораме да ги активираме сите капацитети за да излеземе како победници.

Со почит, 
УСС-УКИМ


Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: