Уште на 15 години Тоше освојуваше со својот глас: Како ли ќе пееше денес на 40?
Како би пеел Тоше Проески денес на 40 години? Ова прашање секој еден од нас си го поставил барем еднаш во својот живот од оној кобен 16 октомри до денес. Секој еден од нас, кој сѐ уште ужива во неговите песни и музика, барем на момент се обидува да си даде одговор на уште неколку прашања поврзани со него - како би изгледал, би бил ли згоден како што беше, каква музика би пеел, ќе станеше ли светски познат?
Но, за жал одговорите на овие прашања остануваат празни или едноставно се препуштаат на нашата мечта. Денес Тоше, доколку беше жив ќе требаше да изгаси 40 свеќички на роденденската торта и да слави со своите сакани. Можеби ќе беше женет и ќе имаше деца, кој би знаел, а можеби и ќе имаше некој „онлајн“ концерт по повод неговиот роденден...
Но, како и да е, се случи она што ја растажи не само Македонија, туку и целиот Балкан - Тоше почина. Освен музиката, останаа и два клучни датуми да не потсетуваат за неговиот краток живот на земјата - денот кога се роди, а тоа и денес и денот кога не напушти. Денес е денот кога го славиме неговото раѓање, денес е денот кога му се заблагодаруваме на Бога што имавме можност да уживаме во она што го создаваше Тоше и на овој ден, особено се потсетуваме на неговиот лик и дело.
Затоа, денес ќе ве потсетиме на еден од неговите први настапи. Во продолжение погледнете го краткото видео од Тоше како тинејџер. На видеото тој има 15 години, а истото е направено за време на една прослава во Ресторан Че, во Прилеп.
И.М.