
Од 8 до 14 мај ќе се одржи 37. издание на Саем на книга во Арена Борис Трајковски
„Храна за душа“ е слоганот на 37. издание на Саемот на книгата, кој и оваа година ќе се одржи во Aрената Борис Трајковски во Скопје, во периодот од 8 до 14 мај. Во текот на седумте саемски денови посетителите ќе можат да си одберат книги од богатата понуда на домашни и странски автори, да бидат дел од промоциите на нови дела и подобро да се запознаат со издавачите и насловите претставени во рамки на Саемот.
Отворањето на вратите на Саемот на книга 2025 е закажано за 8ми мај од 10:00 часот, додека официјалното отворање на Саемот ќе се одржи на 8ми мај во 12.00 часот со обраќање на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Како што на телото му е потребна здрава храна, така и на умот му е потребна здрава мисла за правилно да функционира. А книгите ја имаат уникатната моќ да ни ја нахранат душата. Оттаму и доаѓа инспирацијата за овогодинешниот слоган „Храна за душа“, кој уште еднаш потенцира дека Саемот е место на инспирација, на нови идеи и место каде што секој може да го засити апетитот за нови знаења, возбудливи светови и добри книги.
Љубителите на модерната литература ќе уживаат во дружењето со популарниот германски писател Себастијан Фицек, кој е еден од најважните современи автори во неговата земја и општо во Европа. Како и секоја година, организирани се и голем број активности за најмладите љубители на книгите. Викендот на 10ти и 11ти мај е предвидена богата програма со маскоти, едукативни и креативни работилници, забава и многу други активности кои ќе им ги отворат видиците на најмладите. Родители, запомнете: 10ти и 11ти мај се деновите кога Саемот сјае со најмногу магија.
Саемот и оваа година ќе понуди богата седумдневна програма со учество над 65 издавачки куќи од земјата и регионот, национално претставување на Р. Србија преку Министерството за култура на Србија и учество на Амбасадата на СР Германија.
Саемот на книга е прогласен за проект од национален интерес во културата од страна на Министерството за култура и туризам. Тој ќе се одржи во Арената Борис Трајковски во Скопје и ќе трае од 8ми до 14ти мај.
Вратите на Саемот ќе бидат отворени секој ден помеѓу 10:00 и 20:00 часот, а последниот ден од 10.00 до 18.00 часот, а цените на влезниците се исти како и минатата година: редовна влезница - 100 денари, влезница за организирани посети на ученици - 50 денари/по ученик, влезница за три посети на саемот - 250 денари. Влезот е бесплатен за деца до 12 години кои се во присуство на родител.
За повеќе информации за Саемот на книга, посетете ги следните линкови:
• https://www.instagram.com/skopski.saem/
• https://www.facebook.com/skopje.fair
ПР објава