Ваков проблем не се решава преку ноќ, но мора да се почне од некаде: Ученици од гимназијата „НОВА“ со акција за бездомните животни
Еден од најголемите проблеми во нашиот град се кучињата - скитници. Секојдневно барем по едно куче останува на улица, оставено на милост и немилост.
Овој проблем и не би бил толку голем доколку општините и самиот град имаат капацитет и можност да ги згрижат сите бездомни животни во стационери. Доколку тие би биле згрижени, на улиците не би имало безброј кучиња и мачиња кои би направиле сè само за парче леб.
Рамножувањето на кучењето е еден од оние проблеми на кои се става и најголем акцент, бидејќи сите новоредени кучиња по автоматизам остануваат на улица без сопственик, топол дом и редовен оброк.
За сево ова се зборува постојано, но дали некогаш некој преземал нешто? Да, но никогаш не е доволно. Досега многумина граѓани покренале иницијативи за делумно решавање на овој проблем, а учениците Јовановиќ и Буховски од скопската гимназија „НОВА“ деновиве се приклучија со сопствена акција и ја започнаа реализацијата на хуманитарниот проект.
„Правиме напори да собереме пари кои ќе бидат наменети за медицинска помош на уличните кучиња и мачки. Проблемот со уличните животни е повеќе од очигледен и како се зголемува популацијата во градовите така се влошува оваа ситуација. Најголемите виновници зошто има толку многу животни кои што живеат на улиците се нивните сопственици кои ги оставиле од разни причини, и најчесто уличните животни не се стерилизирани, па тоа доведува до нивно постојано множење.“ - велат овие две средношколки, кои деновиве често може да ги сретнете во парковите за миленичиња, каде ја спроведуваат својата акција на дело.
„Ние сакаме да се фокусираме на намалување на бројот на улични животни односно да собереме доволно пари за барем неколку животни да се стерилизираат. Свесни сме дека преку ноќ не може да се реши еден ваков проблем, но мораме да почнеме од некаде.“ - додадоа Јовановиќ и Буховски.
Најголема поддршка добиваат од нивните соученици од гимназијата „НОВА“, а досега имаат собрано околу 5.000 денари. На секој што ќе донира и ќе помогне во оваа акција, овие две средношколки му подаруваат по еден стикер. Интересно е тоа што стикерите ги имаат изработено сами и ова е уште еден плус во целата оваа акција, бидејќи по ова може да се види дека во овој проект, двете млади девојки се внесени 100 проценти.
„Планираме собраните пари да ги донираме во, веќе одличнaта и проверенa, ветеринарна амбулантa „Vet In“ д-р Иван Јанакиев, каде ќе се изведуваат операционите зафати.“ - открија тинејџерките, а изборот за тоа на кои животни ќе им се помогне ќе го прават со помош на социјалните мрежи.
Иако како и сите останати акции, така и оваа не е доволна за да им се помогне на сите животни, нека биде старт и инспирација за уште многу други, со кои ќе се помогне при решавањето на овој проблем со бездомните животни, како во главниот град, така и во сите останати. А доколку и вие сакате да бидете дел и да помогнете во реализацијата, слободно пишете ни во „инбокс“, на Фејсбук профилот на Хаштаг и ние ќе ве поврземе со овие две млади и хумани девојки.
И.М.