Велко Неделковски: „И не биди млад мајмун“ е криминалистички роман кој се чита во еден здив
Криминалистичкиот роман „И не биди млад мајмун“ на авторот Велко Неделковски вчера (11 септември) беше промовиран во заедничкиот промоцентар на „Саемот на книга“ во Скопје, а ова дело е дел од поширока едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“ наречена „Во еден здив“. Целта е да се понудат кратки и динамични дела кои се читаат веднаш од првата до последната страница и покрај „И не биди млад мајмун“, во едицијата засега се вклучени и „Туѓо тело“ на Владимир Плавевски и „Бричење петли“ на Владо Димовски кои може да се најдат и во сите книжарници „Литература.мк“.
Промоцијата ја водеше уредничката во „Арс Ламина“, Татјана Димовска-Атанасова. Авторот објаснувајќи ја едицијата „Во еден здив“ вели дека идејата тргнува од тоа дека сите се соочуваме со постојан недостиг на време и потребно ни е нешто што ќе можеме веднаш да го „проголтаме“.
– Целта е да понудиме нешто што ќе се прочита во еден здив, односно нешто што читателот веднаш ќе го „голтне“ од првата до последната страница. Најголемиот предизвик е кај нас, писателите, кои треба да го овозможиме тоа и да креираме содржина која е динамична, односно да не пишуваме екстензивно туку интензивно – додаде Неделковски којшто посочува дека „И не биди млад мајмун“ е дело кое е преполно со дијалози и кај самиот читател создава слики во главата до тој степен што веќе е соодветно дело за адаптација на филмското платно.
Главен лик во романот е Симон (Шими) Апостолов чиј живот е пред распаѓање. Бракот со неговата Агна е речиси готов, нема работа и е вплеткан во разни криминални активности. Сепак, како да му овозможува шанса за подобро утре кога Богрдан Еврич ќе му понуди работа во неговото кафуле и сопругата ќе му соопшти една убава вест. Но, за време на неговата смена, во кафулето се водат сомнителни разговори помеѓу една жена и тројца мажи, а еден од нив не припаѓа на тоа друштво – еден од нив е на страната на законот. „И не биди млад мајмун“ е напишан како сценарио за криминалистички филм со многу напнатост и постојана акција.
Дополнително, еден од повторувачките „ликови“ во „И не биди млад мајмун“ е осата со која авторот Неделковски сака да испрати порака за тоа што ѝ правиме на природата и како таа ни враќа, без разлика дали е тоа убодот на осата или пандемијата низ која минуваме.
„И не биди млад мајмун“ е 38 книга на Велко Неделковски кој веќе во својата фиока има и два нови романи кои ќе бидат издадени.
Меѓудругото е автор е на култната серија „Втората смена“, добитник на наградата за животно дело од Македонската радио-телевизија како и низа признанија за своите романи, раскази, радио и телевизиски драми и серии. Во 1986 година ја освои наградата за најдобра книга за деца на „Струшките вечери на поезијата“.