Вистински патриот не се станува само со веење знамиња, туку и со користење на мајчин јазик: Моника Стојковска за јазичната несвесност и непознавање
Пред неколку дена се одржа ораторската вечер во СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, на која осум ученици од училишниот клуб на оратори „Гарда на мудроста“ ги презентираа своите говори. Само тројца од нив добија една од наградата, а останатите си заминаа дома побогати за едно искуство и со желба за следната година да бидат помеѓу наградените.
Во продолжение ќе имате можност да го прочитате второнаградениот говор на Моника Стојковска, која четврта година во ова училиште на правниот смер. За Хаштаг откри дека учеството во ораторскиот клуб, како и настапот на ораторската вечер за неа претставуваат мост кон усовршувањето на нејзиното настапување и говорење, но и можност да го изрази својот став, со кој ќе се обиде да ги поттикне присутните на позитивна промена.
„Инспирацијата за темата на која одбрав да пишувам и говорам ја добив од секојдневието. Односно, одлучив да говорам за нашата јазична несвесност и непознавање. Сѐ почесто младите користат странски и туѓи зборови во македонски реченици и со тоа си создаваат потешкотии кога ќе треба да се изразат на македонски. Недоволно го познаваме македонскиот фонд на зборови и за да звучиме помодерно вметнуваме англиски зборови и фрази, а ја забораваме макотрпната борба на нашите предци за кодификација на македонскиот јазик.“
Во продолжение ви го пренесуваме целиот второнаграден говор на матурантката Моника:
„Ама е „cute“ ташничкава... Од кој „mall“ ја купи „honey“? Да ве прашам? Кој јазик е ова? За мене е некоја извитоперена комбинација од скопски жаргонизам и англиски зборови. Колку ужасно... си го погазуваме јазикот. Воедно и луѓето кои што се бореле за неговата употреба. За еден човек да може слободно да си ја изрази мислата потребно е да има можност да се изјасни на својот мајчин јазик.
Уште од почетокот на формирањето на македонскиот јазик луѓето поминувале низ секакви тортури, прогонства, па дури и умирале за да може ние да имаме свое писмо и јазик. Кирил и Методиј се првите кои создале азбука за говорот на Словените, бидејќи грчкото и латинското писмо не одговараат за нашиот говор. Еден милениум подоцна со делувањето на Грчката, Српската и Бугарската пропаганда нашиот јазик бил забранет за говорење. Затоа и денес со себе ги носи трагите од соседните јазици. Можете ли да замислите? Малите дечиња учеле на туѓ јазик, а творците морале да создаваат на странски говор. Македонските патриоти како Конески и Мисирков си го посветиле целиот живот за кодификација на македонскиот јазик. Колку само нашиот јазик е ранет, малтретиран и мачен, а сепак издржал и не изумрел сѐ до денес. За ние денес да пишуваме на латиница, да не можеме да ги најдеме буквите ѕ, џ и љ на тастатурата. Срамота... Бев во шок кога мојата професорка по македонски јазик ми кажа дека во последнава деценија во писмените задачи на учениците, сѐ почесто се провлекуваат букви од латиничното писмо. Да ве прашам. Кога користите паметни уреди, дали користите латинична или кирилична поддршка? Го знаеме одговорот и оправдувањата... Помалку букви има, полесно и побрзо е, сите така пишуваат и не знам уште што не... Јасно како ден е дека англискиот јазик е актуелен и дека од Америка потекнуваат најпопуларните трендови кои ги следиме како „муви без глави“, но тоа не е оправдување да си го погазуваме мајчиниот јазик. Поради истово влијание сѐ повеќе и повеќе млади секојдневно комуницираат само на англиски меѓу себе. Дома пак, гледаме англиски филмови и серии, „сурфаме“ на социјалните мрежи каде што сѐ е на англиски. Но, според мене и родителите имаат вина во овој проблем. Децата уште од мали ги занимаваат цртани и видеа на англиски и им создаваат хендикеп за говорење македонски, наместо да ги забавуваат со „Бушава азбука“. Затоа кога ќе треба да кажат една мисла на македонски дури и тинејџерите се кочат, се подзамислуваат, па дури и се препотуваат, бидејќи не можат да состават една проста реченица. Македонскиот јазик има голем фонд на зборови, но повеќето од нив не се употребуваат, бидејќи ние ги сметаме за заостанати и застарени.
Нема да бидеме „cool“ ако си го кршиме јазикот користејќи ги ваквите сленгови. Баш напротив, многу поинтересно и модерно ќе звучиме кога будно ќе го користиме разноликиот фонд на македонски зборови. Истовремено ќе си го задржиме интегритетот и ќе го зачуваме јазикот. Вистински патриот не се станува само со веење македонски знамиња и викање на трибините на спортските натпревари, туку и со користење мајчин јазик. Ајде сите заедно да ја започнеме промената! Да ги замениме туѓите изрази и зборови со наши македонски, да ја отфрлиме мрзата... и само со еден допир на тастатурата да ја промениме азбуката од латиница на кирилица.“
фото: Клуб на оратори „Гарда на мудроста“
Може да ве интересира: