„Загубата на родител е острица која секогаш ќе ме потсетува колку животот е непредвидлив, краток и единствен“: Леонора Стојкова за најголемата трагедија за едно дете
Пред неколку дена се одржа ораторската вечер во СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, на која осум ученици од училишниот клуб на оратори „Гарда на мудроста“ ги презентираа своите говори. Само тројца од нив добија една од наградата, а останатите си заминаа дома побогати за едно искуство и со желба за следната година да бидат помеѓу наградените.
Во продолжение ќе имате можност да го прочитате третонаградениот говор на Леонора Стојкова, ученичка од правниот смер. Таа е трета година, а вели дека мотивот и инспирацијата за својот говор е нејзиниот татко.
„Трагедијата која ја доживеав и загубата на родител ме натера да живеам без човекот кој навистина ми е потребен. Но, верувајте ми тоа не ме спречи да се борам, бидејќи татко ми велеше дека мене поразот не ми прилега. Се борам за мојата мајка и сестра, и луѓето кои не дозволија да поминам сама низ оваа болка. Секој загубил свој близок, но треба да научиме да живееме со таа празнина која секогаш ќе нѐ враќа назад. Секоја болка дава лекција, а секоја лекција ја менува личноста.“ – ни откри Леонора.
Во продолжение ви го пренесуваме целиот третонаграден говор:
„Загуба - збор од 6 букви, но збор кој на 6666 делови ја распарчува човековата душа. Траума која се носи целиот живот, болка која се обвива како црна марама околу ранетото срце. Тато, ме слушаш ли?
Пред некое време живеев во розев свет, свет како во бајките. Но, наеднаш мојот убав свет го надви темниот облак на тагата. Изгубив човек кој многу го сакам. Личност која беше моја водилка низ животот, рамо за плачење, човекот кој ме учеше на вредности, манири и доблести. Мојот татко со чисто срце, срце како планина, храбар и вистински борец - повеќе го нема. Тагата ги зари своите канџи длабоко во моето срце. Лелеците и болниот звук од камбаните од денот кога го загубив мојот родител сеуште го ежат моето тело. Како на филмско платно се вртат сликите од црнило, црвени очи од плач и страв. Како да продолжам понатаму? Како да се помирам со фактот дека никогаш повеќе нема да го видам, да го помирисам, да го допрам? Во длабоките часови на ноќта, која вешто ги крие болката и солзите, заспивам задушувајќи ја мојата тага со една мисла. Со кревка надеж дека можеби е тука некаде, чека да заспијам, да дојде да ме погали по косата. Да ме бакне во челото. Загубата на родител е острица која секогаш ќе ме потсетува колку животот е непредвидлив, краток и единствен. Како велат кога ќе изгубиш некого, тогаш ја разбираш вредноста на човекот. Не би можела да поднесам уште болка. Мојата мајка и сестра се центарот на мојот свет. Нивната среќа е светост за мене. Нивните насмеани лица се мој мотив за живот. Тие се изворот на мојата сила, моќта да продолжам напред. Тие се мојата храбост за да се борам. Времето со моето семејство секогаш беше бесценето, но по оваа катаклизма жедно го впивам секој миг поминат со нив. Сега живееме под закрилата на мајка ми, мојата лавица, светлината која не води низ животниот пат. Не турка напред, ни ги челичи крилјата за да летаме, да продолжиме и успееме во остварувањто на нашите цели и татковите последни желби. Продолжувам напред, со напорна работа и труд за да успеам, да израснам во човек со цврст карактер, манири и вредности достојни за почит. Одам напред за се што татко ми не успеа да заврши - јас да го довршам. Се трудам и сакам да станам адвокат, да говорам пред народот, да помагам. Се стремам кон моите цели затоа што животот не запира. Морам да продолжам, за моето семејство, за луѓето кои нѐ дозволија сама да поминам низ сето ова. Сакам да се заблагодарам на моите блиски кои беа до мене во најтешкиот момент, кои беа дел од мојата болка и мојата поддршка да излезам од животната агонија. Ви благодарам со сето срце.
Загубата остава траен печат за целиот живот. Колку повеќе време поминува, толку повеќе недостасува личноста што сме ја загубиле. Не би ја посакала оваа болка ниту на најголемиот душман, но неспорен факт е дека во животот има подеми и падови. Не треба тие падови да нѐ спречат во исполнување на нашите цели. Не треба да потклекнеме и да се препуштиме на болката, таа е минлива, иако остава белег за целиот живот. Од судбината не се бега. И знам дека не сум единствената која загубила свој близок. Но, секоја болка дава лекција, а секоја лекција ја менува личноста. Затоа почитувани деца, родители, луѓе на овој свет запомнете, времето за секој од нас е лимитирано, а ние сме тие кои не знаеме до каде е тој лимит. Барајте ја светлината во животот без разлика колку и да е тешка борбата. Само така, на крајот од таа борба Вие ќе бидете победникот.
Сакајте ги своите најблиски, гушкајте ги силно и држете ги близу до Вас, посветете им максимално време исполнето со радост и среќа. А, јас продолжувам без оглед на тоа како се чувстувам, продолжувам да ја барам светлината, не се откажувам. Така ме учеше мојот татко - мојот херој, секогаш да бидам неговата храбра синоока ќерка. Знам дека ме гледаш и се гордееш со мене, те сакам тато!“
фото: клуб на оратори „Гарда на мудроста“