Водич за сите оние кои ќе влезат во светот на средношколците: Што те очекува во средно училиште?
Голема промена која воопшто не е страшна, како што изгледа...
Почетокот на новата учебна година се приближува, а иако се уште не е сигурно како истата ќе изгледа оваа година, оние кои ќе бидат прва година во средно училиште ќе се соочат со многу новитети. Средното училиште е поинакво од основното, но не на лош начин.
На некои од вас, ова сигурно нема да ви биде страшно, бидејќи и вашите пријатели од основно се запишале во истото училиште, останувате во истиот град во кој што и досега сте оделе на училиште, но за некои се менуваат работите. Средното училиште не е толку страшно, само треба да се подготвиш и да сфатиш дека нема да биде исто како во основно. Те очекуваат поинакви ситуации и малку поинаков пристап на учење, но исто така и многу забава и моменти за паметење. Ова се најважните работи кои треба да ги знаеш за средното училиште:
# Немој да имаш преголеми очекувања
Да, средното училиште е супер, поинтересно е од основното, доколку се имате запишано во она училиште за кое имате интерес, но немој да мислиш дека ќе биде како на филмовите. Ќе има и лоши ситуации и моменти кога ќе посакаш да си во некое друго училиште. Ќе имаш здодевни предмети кои ќе треба да ги учиш на памет, многу задачи, барем еден ужасен професор, а нема ни сите соученици да ти бидат „кул“. Во секој клас има барем еден поединец кој останал заглавен во „детското“ однесување и кој ќе ги нервира сите и ќе мисли дека е „прекул“. Таквите најдобро е да ги игнорираш.
# Најди си занимација надвор од училиштето
Во средно ќе имаш повеќе за учење, отколку во основно и токму поради тоа треба да пронајдеш некое хоби со кое ќе се занимаваш надвор од училиштето, а кое ќе биде нешто на што ќе се радуваш секогаш кога истото ќе те оттргне од книгата.
# Активноста за време на часовите се цени
Немој да се плашиш да ја кренеш раката или да го кажеш на глас одговорот на прашањето или своето мислење. Важно е да си активен, а дури и некогаш кажеш погрешен одговор, професорот ќе те запамети дека ти си таа личност која се труди, која се грижи и која го слуша. Никој нема да ти се смее, освен можеби неколку поединци, но нивното мислење не треба да ти биде важно. Кога на самиот почеток ќе покажеш дека ја следиш наставата и дека се подготвуваш, подоцна полесно ќе се извлечеш доколку некогаш не бидеш поготвен/а за одговарање или кога случајно нема да напишеш некоја задача.
# Немој да се срамиш да им пријдеш на луѓето и да се запознаеш со нив
Многу луѓе во клас нема да познаваат никој или можеби ќе знаат само една личност, а доколку е ист случајот и со тебе, немој да се плашиш да се свртиш кон личноста која седи зад тебе и веднаш да се запознаеш. Дури ако ти делува како некој со кој не би се дружел/а, дај му/и шанса.
# Подготви се за повеќе учење
Ова не е нешто сакаш да го слушнеш, но за жал, средното училиште бара повеќе време да посветиш на учењето и пишувањето задачи. Ќе имаш нови предмети, ќе има повеќе лектири за читање, а и задачите како да се дуплираат во однос на основното училиште. Има професори кои ќе бараат многу и ќе има вечери кога ќе учиш до раните утрински часови, а за сето ова да ти биде лесно, најдобрата работа која ќе можеш да ја направиш е да се организираш однапред. Секој ден прави си план за следниот ден, распореди ги обврските така што ќе направиш повеќе од тоа, но повторно, од друга страна не се затрупувај со обврски.
# Биди свој/а - од почетокот
Една од најглупавите работи која можеш да ја направиш е да глумиш дека си поинаква личност само за да се дружиш со „кул“ луѓе. Тие кул луѓе нема да се грижат за тебе и нема да продолжат да се дружат со тебе по средно. Од друга страна, доколку уште на почетокот си свој/а, ќе пронајдеш луѓе со кои ќе навистина ќе ти кликне нешто, со кои ќе ти биде забавно и кои ќе останат пријатели до крајот на животот.
Извор: teen385.com