Водителот Ване за детството: Со останатите деца играв само игри каде бев водител, а тие гости
Кога ќе дојдеме на одрена возраст убаво е да се навратиме на минатото, чисто да провериме дали детските соништа ни се оствариле. Верувајте дека на некои навистина им се посреќило или пак доволно добро се труделе за да ја постигнат целта.
Еден таков пример е и водителот Ване Маркоски. Неодамна во интервју за хаштаг.мк откри дека водителството му е омилена професија уште од детството.
„Уште од мали нозе. Играв со останатите деца само игри каде бев водител, а тие гости. Дома цртав некои радио миксети, микрофони, си правев камери. Мајка ми ми раскажува дека уште додека сум бил бебе, најомилено нешто ми било да гледам во радиото дома со саати. Интересно.“ - се потсети водителот на детските денови.
Но, уште поинтересна е приказната, како започнал да ја работи оваа работа. Вели дека оваа приказна е малку долга, но интересна.
„Почеток на декември 2002 година и како што листав по TB каналите дома, налетав на еден оглас за водители во локалната телевизија „Кисс“ од Тетово, бидејќи по потекло сум од таму и таму живеат моите родители се` уште. На тој оглас се бараа млади кретивци за нови емисии. Веднаш се пријавив и по некој ден заминав на аудиција. Носев некои светли фармерки и небесно син дуксер, а надвор растопен снег, вода на секој чекор... Тргнав пешки, бидејќи немав пари за такси и како што веќе се приближував до просториите на телевизијата, наиде еден камион и ме направи целиот со кал. Но, влегов таму, ми дадоа да прочитам некои најави, прв пат застанав пред камера во мојот живот и помина се брзо. Не ми се јавија и јас веќе тоа го заборавив се до самиот ден 31 декември, кога заминав да ја скратам косата и во салонот каде бев случајно улета екипа од самата телевизија која нешто снимаше за новата година. Новинарката ме препозна и ми кажа дека не можеле да ме најдат затоа што не сум оставил број, затоа што сакав брзо да киднам од таму, најверојатно. Ми соопшти дека сум избран за да бидам дел од нивниот тим. И така од сосем случајна средба, тој ден, мене ми се промени животот. “ - раскажува Ване.