Врсничкото насилство - Младите сè повеќе го препознаваат и реагираат, но возрасните се тие кои треба да ја водат оваа борба

Врсничкото насилство - Младите сè повеќе го препознаваат и реагираат, но возрасните се тие кои треба да ја водат оваа борба

Објавена во: Совети // School zone

Земји на споредба: Македонија и Финска

Детската амбасада Меѓаши преку спроведено истражување, има податок дека високи 40% од учениците во Македонија, пријавиле некаков вид на врсничко насилство, вербално или физичко.. Како организација, тие имаат идентификувано  23 групи на врсничко насилство и според нив, речиси секој втор ученик пријавил дека бил жртва или пак забележал една од овие групи насилство.

Врсничкото насилство е една од најчестите форми на булинг, за која не постои универзална дефиниција, но како општо прифатена формулација е дека врсничкото насилство е еден вид на агресивно однесување. Овој вид на насилство е навистина застапено помеѓу младите и тоа во повеќе форми. „Забележавме дека се повеќе и повеќе меѓуврсничкото насилство е присутно и недоволно децата го препознават кога се обраќаат со погрдни зборови, зборови со навреда, се со цел да го омаловажат соученикот, а при тоа учениците не се ставаат во одбрана или пак во заштита на нивниот соученик.“ - истакнува Драги Змијанац, директорот на Детската амбасада Меѓаши.

За разлика од денес, во еден документ на УНЕСКО со податоци до 2014 година, само 10 отсто од македонските ученици пријавиле дека биле жртва на насилство. Иако ова е подобар резултат од многу развиени земји, ова не значи дека ситуацијата била подобра, туку дека бил поизразен проблемот за препознавање на насилството.

Дека овој проблем полека се надминува, истакна и Душан Томшиќ од Министерството за образование, кој посочува дека постојано се работи на зајакнување на капацитетите на децата за препознавање и пријавување на насилството.

„Она што е многу битно е да се зајакнат капацитетите како на наставниот кадар за препознавање на насилство така и на психолошките служби за интервенција. Но уште побитно е да се зајакнат капацитетите кај децата да го препознаваат и пријавуваат насилството, но и кај родителите да можат да го препознаат и да се реагира кон своите деца, но и кон службите кои стојат на располагание.“

Целта на врсничкото насилство најчесто е да се понижи другото дете, а тоа го потврдува и Ана Попризова, психолог во средното училиште „Орце Николов“, која воедно посочува и на различните форми на насилство.

„Најзастапени се формите на вербално насилство, навреди, закани кои што се случуваат нели, пред појава на пандемијата во живо, а и на социјалните мрежи. А сега, најверојатно се доста присутни на социјалните мрежи.“

Дека способноста за препознавање на ситуациите во кои има врсничко насилство кај младите е подобрена, говорат и сведоштвата на учениците кои ги раскажауваат ситуациите кои ги искусиле на своја, но и на кожата на своите другари.

„Од  основно едно девојче кое го познавам, која сега ми е многу добра другарка, немаше многу другарки, не се дружеше со многу луѓе и имаше една група девојчиња кои што просто од забава сакаа да ја уништат. Прво, првата година почнаа како пријателки демек ќе и прават друштво да не биде толку сама, на крај пред цело школо ја посрамотија, после тоа три недели не дојде во школо, има толку многу психолошки трауми од тоа, што оди на психијатар.“

Дека тие се сè повеќе запознаени со овој проблем, говори и фактот што се многу навлезени во материјата, што дури и посочуваат на причините зошто сведоците молчат за насилството со кое се соочува жртвата.

„ Мислам дека најмногу свесна за булингот е жртвата, сведоците се, ама во некој случај не сакаат да бидат инволвирани, поради тоа што и тие имаат страв најчесто, а насилникот не е воопшто свесен за тоа, или е свесен, ама е научен на тој тип на функционирање.“

А, исто така се свесни и за тоа дека самиот насилник е свесен за тоа што го прави.

„Насилникот е многу свесен за тоа што го прави, а го прави многу доброволоно, поради фактот што наоѓа лично задоволство во тоа, го користи тоа како шанса да се докаже на набљудувачите, а набљудувачите се оние третите кои наоѓаат задоволство и го хранат егото на насилникот, со тоа што му даваат поддршка, се потсмеваат на жртвата, односно тоа што и се случува.“

Додека сме на темата „насилници“, поточно децата што извршуваат насилство, мора да се напомене дека и на нив им е потребна помош, и дека треба и мора да се работи со нив, со цел откривање на причините за таквото однесување.

„Дете кое врши насилство во принцип е дете што има слаба врска со родителите, не почитува авторитети, не почитува правила на однесување, дете што има слаби граници во однесувањето. Дете што врши насилство е дете што е психолошки и физичко посилно располага со поголем капацитет на сила. Физичка снага или психолошка снага. Физичката снага потекнува од неговиот физикус, а психолошката снага потекнува од негова психолошка моќ или потреба да ги контролира другите врсници. Преку таквата контрола го пренесува насилното однесување, со тоа покажува некаков тип на моќ врз децата.“ - посочува Христина Стефановска, детски психолог.

Кога е во прашање проблемот со врсничкото насилство, Европската Унија посветува големо внимание преку многу програми. Многу од активностите кои се организирани преку програмата Еразмус+  се посветуваат на борбата против оваа појава, а се развиваат и проекти како на пример, „Акција против насилството“. Една од најпознатите програми во Европа е програмата „Енејбл“, што е кратенка за Европската мрежа против насилството во средини за учење и за одмор.

Искуствата на земјите членки даваат голем придонес во развојот на програмите на Европската Унија во секоја област. Кај оваа појава, еден од најдобрите примери го дава Финска - според многумина, државата со најдобро образование. Во Финска повеќе од 10 години функционира програмата КиВа, кратенка за „анти насилство“, чија цел е преку посебни предавања да им покаже на учениците дека сите заедно мора да му се спротивстават на насилството.

„КиВа вклучува, како прво, универзални активности, чија цел е да спречат насилството да се случува, и во нејзината основа се лекциите што наставниците им ги предаваат на учениците во училницата. Идејата е да се зајакне свеста меѓу учениците за феноменот на врсничко насилство, особено за нивната улога и за тоа што можат тие да направат за да спречат да се случува насилството. Сакаме, преку лекциите за учениците, да ги зајакнеме токму нив. Да покажат активно дека се против насилството и дека не сакаат тоа да се случува. Тоа се универзалните активности.“ - откри Кристина Салмивали, авторка на програмата КиВа.

Иако во оваа борба, улогата на учениците е клучна, сепак истата треба да ја водат и возрасните. Ова искуство доаѓа од земјите што стигнале најдалеку во справувањето со врсничкото насилство, но и оние кои постигнале напредок во последните години. Возрасните се оние кои треба да го имаат авторитетот и да го искористат за да ја одржуваат ситуацијата под контрола, но и да ја вратат кога ќе се загуби.

„Имаме, како што се нарекуваат, индикативни активности. И овие активности се преземаат кога насилството ќе стане тема во училиштето, на пример кога родител или старател ќе го контактира училиштето и ќе каже дека неговото дете било нападнато. Индикативните активности се спроведуваат од тимовите на КиВа. Тие се тимови во училиштата составени од возрасни, вообичаено тројца возрасни, чија задача е да се справат со случаите на насилство додека се случуваат. И да ги следат понатаму.“ – посочува Кристина од КиВа.

Оваа тема е претставена во епизодата „Детство и учење без страв“,  која е дел од документарниот серијал на Балкон3, во рамки на проектот „Дали личиме на ЕУ“, финансиран од Европската Унија. Епизодата може да ја погледнете во продолжние:



Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: