Второто полугодие започна, а борбата на матурантите продолжува: Онлјан петиција за одложување на државната матура
Денес започна второто полугодие, по неколкунеделниот зимски распуст. Ова беше период во кој некои од учениците одмараа од училишните обврски, но имаше и онакви кои размислуваа за решение на проблемот, поради кој им „гори под нозе“.
Тоа се овогодинешните матуранти. Поголемиот број од нив се уште се држат до она дека полагање на државната матура треба да биде одложено, а за да го потврдат ваквиот став, иницијативата „Гласот на средношколците“ отвори онлајн петиција. Како што посочуваат тие, со оваа петиција се стремат кон разрешување на хаосот настанат со полагањето на државната матура оваа година.
Покрај промената на полагањето на матурата, тие побараа и промена на Законот за упис во високо образовните институции, а сето тоа потребна им е поддршка од 10.000 валидни потписи. Од „Гласот на средношколците“ посочија дека право на потпишување на оваа петиција имаат сите граѓани, кои што се полнолетни и имаат право на глас.
Во продолжение погледнете го нивното соопштение и објаснување на ваквиот став:
„Оваа петиција е поттикната од фејзбук групата "Гласот на средношколците", стремежите на оваа петиција се да се разреши хаосот настанат со полагањето на матурата оваа учебна година, па и наредните учебни години.
Право на потпишување на петицијата имаат сите граѓани на нашата република со ПРАВО НА ГЛАС. Посакуваниот број за да се достави доследниот предлог закон за промена на полагањето на матурата и воедно законот за упис во високо образовните институции изнесува 10 000 валидни потписи, но колку поголем број подобро. Со овој закон, доколку добие поддршка ќе се разрешат образовните, економските и граѓанските спорови кои настанаа со КОВИД ситуацијата кои наштетија на образовниот систем и воедно полагањето на матурата. Како предлог за одложување/незадолжителност на државната матура оваа година и следните години ќе резултира со намалување на ризикот на изложеност на КОВИД вирусот, со намалување на финансиските средства за полагање на матурата (кои иситите може да се принаменат во ресорите здравство или социјална политика каде се моментално понеопходни,да се спречат негативните ефекти од пандемијата и со тоа да се спасат повеќе човечки животи).
Доколку сте во можност споделете ја петицијата и пратете ја хиперврската на вашите најблиски без да се изложите на ризик. На крајот од денот ние бараме издржани реформи и соодветен реформатор. #незалоширеформи #дазаидниотреформатор #петиција
Со почит, Гласот на средношколците“