За да увидат дека хемијата е интересна наука: Професорот Блаже Димески има потрошено околу 17.000 работни часови за изработка на сајтот „ехемија“

За да увидат дека хемијата е интересна наука: Професорот Блаже Димески има потрошено околу 17.000 работни часови за изработка на сајтот „ехемија“

Објавена во: Интервјуа, School zone

Професорот по хемија од гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп, Блаже Димески е еден од професорите кои навистина си ја сакаат својата работа. 24-годишното искуство како професор е еден од најголемите докази за тоа, но уште еден доказ за неговата љубов кон работата е тоа што самостојно, има избработено сајт на кој може да најдете повеќе од 800 презентации од предметот хемија за основно, средно, но и високо образование.

Како што ни откри, според некоја негова груба пресметка, на изработката на сајтот има потрешено околу 17.000 работни часови, а почетокот на пандемијата на некој начин го поттикнала на овој чекор.

# Што е она што Ве поттикна да го креирате сајтот ehemija.mk? Дали пандемијата и онлајн наставата беа пресудни за тоа?

Видете, првите презентации почнав да ги правам за потребите на наставата со проектот „Компјутер за секој ученик“ во 2008/2009 година, и беа поставувани на гимназискиот сајт, слободно да бидат користени од сите заинтересирани (не само нашите ученици). Како што минуваше времето, согледував дека тие презентации имаат позитивен ефект врз знаењето на учениците, затоа што беа конципирани така да преку разни примери, како анимации, гифови, па и хумор го привлечат нивното внимание и создадат трајни знаења. Потоа, за потребите на напредните ученици (натпревари и олимпијади), ги надоградував со потежок материјал, кој се изучува на факултетите и во еден момент се направи база од преку 500 презентации.

Кога почна пандемијата, се обратив до МОН (мислам беше почетокот на април) со понуда да направиме платформа (во соработка со Бирото за образование) која ќе ги содржи сите наставни единици од основно и средно образование и ќе им ја олесни работата на колегите и на учениците, ќе им понуди стандардизирани материјали, проверени, и ако треба корегирани од советниците од бирото. За жал, не добив никаков повратен одговор.

# Постои податок дека сте вложиле 17.000 работни часови за креирањето на презентациите. Дали од сегашна перспектива вредеше жртвата? Како реагираа учениците кога го пуштивте сајтот?

Тоа е моја груба процена, но тука е некаде. Знам сигурно само дека во овие две години два пати го менував диоптерот.

Ланската година се решив да ги повлечам презентациите од гимназиската страна и со сопствени средства да го подигнам сајтот (по долги пребарувања, мислам дека е единствен во светот затоа што не најдов ваква база никаде на интернет). Имено, покрај сите наставни единици од основно, средно и високо образование, на сајтот имате и поимници (каталог на сите поими од хемијата кои се среќаваат во една година или дисциплина), а еднаш неделно се објавува и статија во која се разработува некоја интересна тема, како на пример од историјата на хемијата, па до најновите случувања во светот на хемијата. Се надевам дека за неколку години (се разбира ако ми овозможат финансиските услови бидејќи ова излезе доста скап проект) ќе бидат поставени сите изработени презентации, затоа што сега ги преработувам,ги осовременувам и стандардизирам - на пример, првите беа пишувани со разни фонтови како Матка, Макссвис, Макстмс и тоа ми одзема многу време.

Децата се воодушевени од содржините, а тоа беше и мојата цел: да увидат дека хемијата е многу интересна наука која е вгнездена во сите пори од нашиот современ живот. Исто така, во секоја од тие презентации ќе најдете поучни мисли, смешни твитови и слики, а се допираат и теми како екологија, здрава исхрана, толеранција, расизам, рамноправност на полови,зависности од разни супстанци итн.

# Сајтот е достапен за сите. Дали хемијата е наука која може да се изучи само преку презентации? Неопходна ли е практичната настава?

Сајтот е слободен, засега се отвараат презентациите само на компјутер и некои видови паметни телефони, со наредбата „read only“, но моја препорака е да се гледаат на компјутер за да се видат сите анимации и ефекти.

Што се однесува на вториот дел од прашањето, секако дека не може: хемијата е експериментална наука, децата треба да ја доживеат атмосферата во една лабораторија, да допрат, помирисаат, видат и изведат заклучоци кои ќе останат како траен запис во нивната меморија. Наставникот е клучната алка во процесот и ако се комбинираат овие фактори во процесот на учење, тоа би било идеална комбинација.

# Што би издвоиле во Вашата кариера како најголем успех?

Секако би ја издвоил 2014 година кога со моите ученици освоивме четири први места на државните натпревари и како признание од општината ја добив престижната награда „3-ти Ноември“.

# Обично велат дека ученикот секогаш го надминува професорот. Колкава сатисфакција претставува за Вас кога ќе слушнете дека некој Ваш ученик успеал?

Во овие дваесетина години, имав привилегија да се дружам со илјадници ученици, сега успешни луѓе во разни области, тука или расеани низ светот.

Ќе ви кажам само една случка од ланската година: Моја ученичка, со која четири години „војувавме“ на разни натпревари, првенец на генерацијата, сега најдобар студент на Медицинскиот факултет во Скопје, ми се јавува возбудена после испитот по хемија и вели: „Професоре, сега излегоа резултатите по хемија, прва сум на списокот, првите четворица се сите од нашиот клас, ај чао сега да се јавам дома“.

Ивана Мисајловска


Објавена во: Интервјуа, School zone

Можеби ќе ве интересира: