За првпат без детски џагор на 10 јуни: Коронавирусот го направи своето
Учениците ширум државата денес требаше да се поздрават со училишните клупи и три месеци да уживаат во летниот распуст, без книги, испрашувања, тестови, многу домашни задачи и слично. Но, оваа година сево ова е поразлично, а учењето на далечина си го направи своето.
Учениците уште од март се во своите домови, со цел да останат заштитени од коронавирус, а учењето, предавањата, тестовите и сите работи поврзани со училишните обврски започнаа да се одржуваат на нивните персонални компјутери. Дел од учениците сериозно го сфатија ова и периодот од март до денес не го сметаа за распуст, а дел од нив се опушти и учењето го стави на последно место.
Оваа учебна година, односно второто полугодие убедливо им скрати многу на учениците, особено на оние кои беа матуранти и полуматуранти и кои останаа без прослава. Едноставно, пандемијата си го зема данокот во секој поглед.
Во училиштата, денес нема да се слушне последниот џагор на учениците, а се уште нема информации дали од септември повторно ќе се вратат во училишните клупи.
Единствено уписите за основно и средно образование се во тек, а сите ние со внимателно почитување на мерките за безбедност ќе придонесеме за побрзо стабилизирање на состојбата. Со тоа ќе се обезбеди повторно отворање на училиштата и овозможување на младите повторно своето знаење да го добиваат на стариот класичен начин - од училишните клупи.