Зоран Спасов Ѕоф: Книгата „Џабе живиш у Скопје“ е водич до сигурна смрт од смеење

Зоран Спасов Ѕоф: Книгата „Џабе живиш у Скопје“ е водич до сигурна смрт од смеење

Објавена во: После „Школо“ // PR

Со многу хумор, анегдоти, смеење до солзи и музика, на 16 ноември, во скопскиот локал „Интермецо мјузик бар“ се одржа промоцијата на новата книга на Зоран Спасов Ѕоф, „Џабе живиш у Скопје“. Книгата, како и претходните хит-романи на Ѕоф: „Торонто експрес“ и „Тито, мојот претпоследен херој“, е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

„Џабе живиш у Скопје“ е збирка актуелни, изумрени и подзабораени поими, фрази, изрази, идиоми, апсурди, фазони, афоризми, синоними, топоними, акроними, криптоними и многу други „–ними“. Книгава е локализирана у покушај да се долови хајлевел шегобијноста на скопјаните, бидејќи авторот е цврсто убеден дека ние Македонците (заедно со Србите) имаме најбољи хумор у свет. Дел од изразите се користат поише од петсто години, дел стотина, дел од 1945 година, па навака, дел откако Тито го заболе ногата, дел откако Кљусев искочи на бина... Авторот ги реактуелизира со цел да се разбудат и расталасаат некои чувства што дугачко време дремат у латентна состојба. Оваа книга е вивисекција на скопските: (не)култура, историја, менталитет, хумор и јазик, но и одолжување на авторот на неговото Скопје.

Авторот Зоран Спасов Ѕоф на промоцијата истакна дека откако му се оддолжи на Торонто со својата книга „Торонто експрес“ и на Тито со „Тито, мојот претпоследен херој“, сакал да му се оддолжи и на Скопје, на скопскиот дијалект и хумор. Така дошол до идејата да го создаде своето ново дело: „Џабе живиш у Скопје“.
– Идејата за „Џабе живиш у Скопје“ е стара три години, но пишувањето и преродбеничката активност траеја повеќе од две. Едноставно, дојде денот кога ова мораше да се напише зашто постоеше сериозна опасност скопскиот сленг да изумре како таков. Ако го исклучиме Пемба из Ниш од „Среќна Нова...“, сфаќаме дека сите дијалекти се негуваат, освен нашиот – скопски, што е анатемисан од сите институти и институции. Насловот на книгата е комбинација на два збора што ги нема во литературниот македонски јазик, но затоа, пак, ги има во скопскиот „јазик“ и, нормално, самото Скопје. Пораката е дека треба да се негуваат скопскиот говор и скопскиот хумор. Во книгата има повеќе од 900 приказни. Има и неколку малку подразработени теми што нема да им се допаѓаат на две држави и неколку религиозни институции, но затоа, пак, читателите ќе уживаат во нив. Повеќе од половина од поимите, идиомите и афоризмите од книгата ми се омилени. Можам да ги издвојам оние на кои при секое читање се смеам на глас. Стопати да ги прочитам – стопати се смеам. Имам и еден фаворит, ама не го кажувам јавно пошто ќе ми се налути една комшиска држава... „Џабе живиш у Скопје“ е водич до сигурна смрт од смеење. Во предговорот убаво пишува дека скопскиот хумор е еден од најдобрите на светот... Ако човек не се смее (па, макар и во себе) значи дека не ни живее. Башка, смеењето е лек за сите болести – рече Ѕоф.

Специјални гости на настанот беа шоуменот Игор Џамбазов, Бранко Огњановски (познат како Миле Паника) и Сашо Мацановски-Трендо. Тие биле инспирација за дел од анегдотите и шегите во книгата, а се најдоа и на корицата на изданието.
– Има десетина ликови кои ми се инспирација, од кои само овие тројца сѐ уште се меѓу нас. Со нив имам специјална конекција. Со Џамбазов заедно го работевме „Џандар збира“ и го сметам за најголем во сите области каде што твори, Трендо е главниот виновник што почнав да пишувам и најзаслужен за огромниот успех на „Тибам штркот“, додека Бранко за мене е единствениот национален херој што оваа држава го има – изјави Ѕоф.

Џамбазов, во свој стил, пред присутните интерпретираше дел од содржината на „Џабе живиш у Скопје“, доловувајќи го скопскиот сленг и хумор автентично, како што го документирал Ѕоф во својата книга.

Дизајнот на корицата повторно е на битолскиот стрип-авторот Михајло Димитриевски – Тxе Мичо. На промоцијата авторот му додели и плакета, како благодарност за оваа соработка.
– Тхе Мичо е повеќе граѓанин на светот отколку битолчанец. Несекојдневен и неповторлив лик. Доволно е да му пратам две-три страници од текстот и толку. Тоа што ќе го нацрта тој е многу подобро од она што можам да го замислам јас, па дури и да го напишам – рече Ѕоф.
По промоцијата, гостите го проследија настапот на „Бијело дугме трибјут“.

Книгата „Џабе живиш у Скопје“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“  и онлајн преку www.literatura.mk

* ПР - објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: