Македонскиот Саша Ковачевиќ – Тони Андреев: „Не ми пречи кога ме споредуваат со успешни имиња“
Помеѓу обожавателите е познат по тоа што тој е македонскиот Саша Ковачевиќ, но Тони Андреев е едно младо момче, полно со желба да се докаже и покаже во музиката. Се уште е студент, но паралелно има свои настапи, на кои им го одзема здивот на девојките. Зад себе има неколку „кавери“, но и авторска песна. Тони е искрено и скромно момче, а тоа ќе си го дознаете и самите, откако ќе го прочитате нашиот разговор.
# Полека, но сигурно го зголемуваш бројот на обожаватели. Кој е Тони Андреев за оние што се уште не те познаваат?
Па Тони Андреев покрај настапите низ клубовите и кафулињата, е и Апсолвент на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
# Како започна да се занимаваш со музика?
Со музика се занимавам од кога знам за себе, почнувајќи од основното музичко образование во Велес, потоа средно / факултет па се до денес.
# Имаш ли некој од семејството кој се занимава со музика и од кој ти го наследи талентот?
Татко ми е професор по дувачки инструменти па мислам дека тој има голем удел.
# Пред неколку месеци ја објави твојата прва песна, на која и ти напорно работеше. Кога би требало да бираш помеѓу пеењето и компонирањето дали би можел да се одлучиш за едно?
Со оглед на тоа што имам повеќе готови песни што не сум јас автор и не ме фасцинирале до толку да ги објавам, мислам дека морам да сум посветен и на двете.
# Помеѓу обожавателките важиш за македонскиот Саша Ковачевиќ. Дали ти пречат компарациите?
Па добро имаше таков период точно, не би ми пречело кога ме споредуваат со толку успешни. Тие наслови се обично на лето,сега зимава малку стилски се оддалечив па може поради тоа е затишје со таа тема.
# Имаш ли желба за соработка со некој од звучните имиња?
Не сум размислувал на таа тема, но кога би имал прилика би сакал да е некој од нашата естрада, сакам да вложувам во Македонската поп музика.
# Каде се гледаш за 10 години?
За 10 год... не сум размислувал толку далеку, но веројатно на истово поле со повеќе авторска музика и можеби настапи надвор од Македонија.
# Кога снимаш кавери, па дури и твојата авторска песна, повеќе одбираш балади, но што може да се слушне на твоите настапи?
Балади неможам премногу да пеам на моите настапи затоа што се клубови па претежно е динамично, затоа кога имам прилика едвај чекам да испеам нешто по мој вкус.
# Настрана музиката и работата каков е Тони приватно?
Претежно нонстоп во движење. Сакам да одам на тренинг, да завршам нов дел околу мојата следна песна, преговарам околу следните настапи, и ред други обврски кој што е невозможно да се постигнат во 24h, но јас пробувам.
# Кој хаштаг го користиш најчесто на социјалните мрежи?
Хаштаг...#евенезнам... веројатно #ToniAndreev кога ја објавувам викенд агендата.
Ивана Мисајловска