МАРКО КОВАЧЕВИЌ: На блиска средба со ѕвездите од Холивуд

МАРКО КОВАЧЕВИЌ: На блиска средба со ѕвездите од Холивуд

Објавена во: Филм, Интервјуа

По завршувањето на средното училиште заминав во Лос Анџелес. Студирав на „Стела Адлер“, врвна академија за глума каде дипломирале Марлон Брандо, Роберт Де Ниро и Бенисио Дел Торо, открива македонскиот актер кој на филмското платно дебитираше пред 14 години во филмот „Илузија“.

Уште од мали нозе имаше привилегија да соработува со докажани професионалци и првите ѕвездени моменти ги имаше токму како дете. Марко Ковачевиќ пред 14 години ја одигра главната улога во дебитантскиот филм на режисерот Светозар Ристовски, „Илузија“. По премиерата во Канада и САД, токму неговата одлична изведба беше во фокусот на тамошните критичари. По овој ангажман, актерството го одбра и како професионална определба. Се пресели во Лос Анџелес и дипломира на „Стела Адлер“, престижна акдемија за глума на која студирале и холивудските ѕвезди Марлон Брандо и Ал Пачино.

Првите ѕвездени моменти ги имаше како дете

# Популарноста ја стекна како дете во филмот „Илузија“, македонско-австриска копродукција на режисерот Светозар Ристовски каде играше рамо до рамо со Никола Ѓуричко и Владо Јовановски. Какви спомени носиш од тоа време?

- Имам многу интересни и возбудливи моменти од тоа време. Спомените што мене ми останаа во срце се тоа што непланирано се остварив како глумец со главна улога во долгометражен филм. Всушност, тоа беше и главната причина да ја почуствувам магијата на филмот, тоа беше почетокот на мојот сон.

# Филмот имаше премиера во Канада. Беше прикажан и на повеќе меѓународни фестивали на кои и ти беше присутен. По што најмногу ги паметиш тие патувања?

- „Илузија“ имаше одличен успех на интернационалната сцена и јас учествував на сите поважни фестивали. Главната премиера беше на „Торонто Интернешнал Филм Фестивал“ каде првпат се видов на големото платно. Тоа е момент кој нема да го заборавам до крајот на мојот живот. Друга ситуација која ме убеди да продолжам да бидам актер е кога на „Токио Интернешнал Филм Фестивал“ бев во компетиција за главна улога и големиот Том Хенкс во улога на презентер на фестивалот ми го спомна името. Подоцна следуваа фестивали во многу други земји како Грција, Бугарија, Италија, Германија... Во Португалија на AVANCA Film Festival добив награда за главна машка улога.

Замина во Лос Анџелес да студира на престижна академија за глума


# Оттогаш помина повеќе од една деценија. Во кои проекти партиципираше во меѓувреме?

- Добив уште една главна улога, во долгометражниот филм „Естрелита“ на словенечкиот режисер Метод Певец. Во „Илузија“ ме гледал на филмскиот фестивал во Берлин, му се допаднала мојата глума и ме побара. Играјќи го Амир многу научив за актерството. Предизвикот беше доста поголем, морав да научам да зборувам словенечки со минимален босански акцент и да свирам виолина. И „Естрелита“ беше проследен со многу фестивали и успеси. Бев дел и од екипата на „Трето полувреме“, а во Америка имам играно во серијата Struggling Vampires, во краткометражниот филм A Fight, во неколку музички спотови кои се прикажуваа на „Ем-Ти-Ви“.

Ковачевиќ во краткометражниот филм A Fight

# Се пресели во Лос Анџелес каде се школуваше на престижната академија „Стела Адлер“ на која студирале многу звучни имиња од холивудската сцена. Како ги запозна Ентони Хопкинс и Марк Рафало?

- По завршувањето на средното училиште одлучив да го надоградам моето образование на полето на глумата. Во тоа време омилен актер ми беше Роберт Де Ниро и сакав да тргнам по неговите стапки, да студирам на академијата „Стела Адлер“, поради што заминав во Лос Анџелес. Станува збор за врвна академија за глума каде завршиле актери како Марлон Брандо, Роберт Де Ниро и Бенисио Дел Торо. Марк Рафало го запознав на академијата каде што е член во бордот на директори. Секако, Лос Анџелес е град на филмската индустрија каде што несомнено може да се сретнат многу ѕвезди. Сум ги сретнал и запознал Ентони Хопкинс, Мики Рурк, Никол Кидман, Џефри Раш, Ал Пачино..

# Тамара Тодевска и Тијана Дапчевиќ се твои први братучетки. Дали досега сте разговарале да се појавиш во некој нивен видеозапис?

- Повеќепати сме зборувале за ова, но за жал, досега не сме се совпаднале временски, но се надевам дека во иднина и тоа ќе го реализираме.

# Кои се твоите професионални амбиции?

- Секој актер има свој сон. Мојот е еден ден да работам со омилениот режисер Мартин Скорсезе.

Ѓ. С.


Објавена во: Филм, Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: