Училишните обврски, а потоа шахот: Интервју со Емил Ристески – сензационалниот победник на „Трофеј Белград 2020“

Училишните обврски, а потоа шахот: Интервју со Емил Ристески – сензационалниот победник на „Трофеј Белград 2020“

Објавена во: Stars // Интервјуа

„Шахот е бајка со 1.001 грешка“ во една прилика рекол познатиот шахист Савeли Тартаковер, а овој негов цитат е инспирација за многу шахисти. Иако навидум делува дека во нашата земја нема многу надежи, кога е шахот во прашање, тоа навистина не е така.

Од оние што грешат и губат, но воедно и победуваат во оваа игра е и 16 – годишниот Емил Ристески. Овој млад скопјанец е ученик во втора година, во ПСУ „Јахја Кемал“. Последниот во низата успеси му е оној на шаховскиот турнир „Белград Трофеј 2020“, од каде што се врати со најголемото признание.

Емил за Хаштаг го раскажа својот досегашен пат во шаховските води, но и оној кон кој се стреми. Посочи и дека не дозволува училишните обврски да трпат, а тој е одличен доказ дека со добра организација може да се постигнуваат големи успеси.

#Од колку години започна да покажуваш интерес за шахот?

Почнав да играм шах на 10 и пол години што е релативно доцна.

#Кој ти ја пренесе таа љубов? Има ли некој член во твоето семејство кој професионално се занимава со овој спорт?

Во моето училиште имаше една маса на која што имаше шах. Јас и мојата наставничка Верица Митревска игравме таму и всушност така започнав да ја играм оваа прекрасна игра. Но, мојот прв тренер Орце Данчевски ме научи на основата на оваа игра и ми ја пренесе неговата огромна љубов кон шахот. Потоа, продолжив да играм многу често со мојот татко и мојот дедо. Татко ми и дедо ми играле порано, но не професионално.

#Колку долго професионално се занимаваш со шахот? Кое е твојот најголем успех постигнат во тој период?

Околу 4 - 5 години. Имам освоено неколку турнири. Повеќе годишен првак сум во Македонија. Но, сепак мислам дека најголем успех ми е освојувањето на „Белград Трофеј 2020“.

#Неодамна се здоби со најголемото признание на шаховскиот турнир „Трофеј Белград 2020“. Како се организираше турнирот во време на пандемија? Имаше ли нешто необично за разлика од турнирите во нормални услови?

За разлика од нормалните услови турнирот беше организиран малку поинаку. Имаше протоколи кои што требаше да се почитуваат (носење маска, мерење температура).

#Колку долго се подготвуваше за овој турнир?

За еден турнир не може да се подготвувате 5 или 10 дена пред турнирот. Кај шахот мора секој ден континуирано да се работи и да се вежба. Но, кога ќе го дознаете противникот имате неколку часа да се подготвите за одредениот противник.

#Можеш ли да издвоиш некоја награда или признание како најзначајно?

За мене беше многу значајно кога во 2018 на турнирот Опен Македонија го освоив 5 – тото место, а со тој резултат успеав да се пласирам на затвореното првенство на Македонија каде што играв со 10 - те најдобри шахисти во Македонија.

#Колку време посветуваш на вежбање? 

Секојдневно поминувам минимум 3 - 4 часа во тренирање, анализирање или играње на оваа прекрасна игра. Секако дека во зависност од училишните обврски некои денови тренирам и по 8 часа (во карантинот на пример), но некои денови можеби и по еден (кога имам училишни обврски). Моментално работам со ВМ Трајко Недев со кој се слушаме 2 - 3 пати неделно.

#Имаш ли некое друго хоби, настрана шахот?

Хоби немам, но останатото време го користам за дружба со моите другари.

#Каде се гледаш за 10 години?

Се надевам да се видам во врвот на светскиот шах, што не е ни малку лесно и за тоа да се оствари треба многу работа.

#Кој хаштаг најчесто го користиш на социјалните мрежи?

Искрен да бидам не објавувам многу на социјалните мрежи, па со самото тоа не користам хаштагови (многу креативно прашање).

И. Мисајловска


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: