4-годишниот Адриан е голем пријател: Косата не му ја крателе од раѓање - месецов ја донираше за да се направи перика за болните дечиња од скопската Детска клиника
Ова слатко момче од Струмица се вика Адриан Ташев. Својата косичка, која ја чувал долго време, ја донираше за да се изработи перика за некое другарче во болница - објавија од организацијата САНО.
На четиригодишниот Адриан косата не му била скратена од раѓање. Исплетена во руса долга плетенка, за првпат му ја скратија на почетокот на овој месец, а причината е посебна.
Во март годинава, Адриан наполнил 4 годинки и неговите родители решиле дека е време долго чуваната коса да биде скратена и да им се подари на оние на кои им е најпотребна.
„Адриан многу си ја сакаше косичката и не сакаше да ја скратиме, но кога му раскажавме која е причината, дека од неговата коса ќе се изработи перика за болните дечиња, му се допадна идејата, му стана интересно и веднаш прифати да ја скратиме“ - ни раскажа неговата мајка Ксенија накратко.
Косата на Адриан е донирана во организацијата САНО, кои моментално активно ја водат кампањата „И вистинските херои носат перика“, а луѓе од цела држава се приклучуваат на акцијата и ја донираат својата коса за изработка на перика за болните дечиња кои се лекуваат на хемато-онколошкото одделение на Детската клиника во Скопје.
Коса донираат претежно девојки, но посебна чест е кога тоа го прават момчиња.