Анксиозноста не смее да биде табу тема: Тренерот Влатко Неделковски за борбата со невидливиот непријател
Пандемијата заедно со карантините, оддалеченоста од драгите луѓе, скратувањето на секојдневните рутини си го направи своето. Од ова сите луѓе во општеството се оштетени на некој начин - некој помалку, некој повеќе.
Помеѓу најоштетените се најдоа спортските работници - тренерите, спортистите, па дури и обичните вљубеници, на кои спортот им претставуваше хоби. Парализираниот натпреваручки систем, како и редуцираниот процес си го направија своето, а сето тоа удри по здравјето на луѓето, особено она менталното.
Со ова се соочи и младиот и успешен тренер Влатко Неделковски, кој со нас поразговара за проблемот со кој се соочи поради целата пандемија, надевајќи се дека неговото признание ќе допре до младите и ќе придонесе за полесно да ги надминат сите предизвици со кои се соочуваат.
„Во оваа тешка и хаотична година веќе оставена позади нас, ги доживеав можеби најтешките и најубавите моменти. Истите не би биле искристализирани ниту би ги гледал низ иста призма доколку не спарингуваше целата ситуација од вирусот, која директно влијае на нашата психичка состојба дури и потсвесно. Зборувам за проблем на модерното време кое се почесто и лесно се наметнува кај нас а тоа е анксиозноста.“ - започна Влатко, кој додаде:
„Отвореноста кон ова прашање не може и не смее да е табу тема, бидејќи може да еволуира во многу поголем проблем кој води до депресија доколку не го третираме и прифатиме како такво.“
Истакна дека дозадата на несигурност, недоверба, страв, паника е многу видлива и присутна и дека истата директно или индиректно влијае врз нас во секојдневието. Стресните периоди, погрешни луѓе, финансиска нестабилност, емотивна загуба, физички замор се само мал дел од влијанијата кои ја поттикнуваат анксиозноста.
Според Неделковски, таа напаѓа кога ќе види и малку простор од нашата психичка состојба и раздразнетост и истакнува дека ако во тој момент пружиме отпор лесно се надвладува, но доколку паднеме пред предизвикот знае да се рашири како канцер од кој тешко би се вратиле.
Оваа состојба на умот, како што многумина ја дефинираат, може да биде многу опасна доколку прерасне во депресија и поттикне болест. Влатко ни откри дека една година веќе води борба со овој невидлив непријател.
„Моето искуство и борба со анксиозноста трае веќе една година. Отворено зборувам од причина што многу луѓе несвесно го носат овој товар на себе. Сите точно знаеме од кој момент сме се судриле и запознале со анксиозноста, што не донело до тоа и кое е решението.“ - посочи, а потоа откри како тој успеал да ја исконтролира оваа психичка состоба:
„Едноставно е, играјте ја играта која не ја диктирате вие, играјте за да победите како две спротиставени страни. На секој ваш зададен удар, лоши мисли, тага, бес и гнев, кои ви ги буди дадена ситуација - одговорете контра. Не го барајте одговорот кој не ни е прифатлив - разберете го прашањето, сами ќе дојдете до одговорот. Не се обвинувајте себе, лесно ќе створите комплекс на ниска вредност која е тајно оружје на анксиозноста. Контрирајте.“
Според него негативната енергија и емоција треба да ја трошиме преку спортска активност, а еве како тој се справува со нападите:
„Во случај на напад, автосугестијата е одлична алатка која помага на елиминација на лошата емоција. Помошта од психолог, поттикнувањето на мотивација е секогаш добра идеја. Тргнете ги стегите, скокнете ги бариерите, се што ве донело до таква ситуација не е вредно на вас. Она што е вредно никогаш не би предизвикало дисхармонија. Сите овие фактори на третирање влијаат на самодовербата и повторно регенерирање на нашата психичка состојба и стабилност.“ - вели тој и додава:
„Оној кој сака да направи нешто ќе најде начин, оној кој не сака ќе најде изговор. Бирајте ги оние што имаат начини. Оние кои се повлекуваат барајќи изговор се токму тие сојузници на вашата штета, изолирајте ги. Штетни се. Неморални.“
Изминатиот период и тој како и сите други научил да ги цени вистинските вредности, но и да се посвети на себе, а како што тврди тој - „тоа ќе донесе резултат кој е подобар од оној изгубениот“.
„За мене изминатиот период беше период на промени. Од професионален аспект ја сменив работната средина после долго време работа и градење успеси. Ако моето заминување од МЗТ Скопје беше незамисливо, сега се радувам на мојот статус во Вардар. Исто и од емотивен аспект, се што ми беше незамисливо, без кое не можам, всушност, без тоа морам и можам. Среќен сум што во таа празнина веќе има нова фигура. Комфорт зоната може да не убие. Одете таму каде што ќе бидете сакани, не онаму каде ние сакаме. Држете до себе, тоа не е его, туку себе-почитување! Со текот на времето добиваме искуство, а тоа искуство единствено доаѓа кога не го добиваме тоа што го сакаме. Бидете лојални, држете се заедно. Загубата е огромна, ненадоместлива.“ - заврши Неделковски.
И.М.