Бавно, тажно и болно: Како умираат другарствата
Тоа почнува така.
Прво почнуваш да мериш кој повеќе се јавува.
Потоа одеднаш чувствуваш некој притисок, како да мораш нешто. Не си сигурна дали сакаш или не, само ете нешто те притиска таму некаде. А не чини кога притиска.
После тоа следува фаза каде од се' она што било тема на разговор, сега повеќе ништо не е. Од тоа дека сте се слушале постојано, до тоа дека не ни знаеш кога последно сте се слушнале.
А потоа постојат два начина.
Едниот, оној кој сигурно го применуваат зрелите луѓе (а ги има малку) е разговорот. Седнуваш со личноста од погоре споменатата приказна и велиш:
- Нешто не чини. Другарството ни се олади. Ќе го ставиме на терапија или ќе дозволиме да цркне?
Вториот е да молчиш и да почнеш да се чувствуваш (неколку опции):
A) исклучено
B ) напуштено
C) разочарано
Тука почнуваш да размислуваш само за тоа што таа тебе НЕ ТИ НАПРАВИЛА. А ТИ мислиш дека требало. Не би ти паднало на памет да размислиш за околностите во кои се нашла таа некогаш твоја драга личност. Што ти е тебе гајле за тоа. Немаш ти толку мисли, па и за тоа да размислуваш.
И терминаланата фаза, онаа која наизглед не боли бидејќи никој никому не му се јавува, а всушност боли секоја пора од целиот свет кој сте го граделе заедно, бидејќи ти и таа молчите. Оставате другарството така да си замине.
Таа требаше да каже нешто.
Требаше заедно да остариме.
Требаше некој да каже- „Еј зезнав. Еј зезнавме“
Така умираат другарствата. Бавно, тажно и болно.
За секое згаснато другарство во тишината горе се гаснат неколку ѕвезди и барем пет орхидеи одлучуваат да не цветаат.
Сигурна сум.