Би сакала да можам да ги прегрнам оние за кои живеам: Ања Ветерова за коронавирусот од Бостон
Пејачката Ања Ветерова пред неколку дена на својот Инстаграм профил објави стори во кое постави прашање дали треба да се врати во Македонија или да остане во Бостон, САД, каде што студира. Поголемиот број од нејзините следбеници гласаа за таа да се врати, но сепак Ања мислејќи на својата безбедност се одлучи за спротивното.
„Пред неколку дена побарав помош од следбениците на Инстаграм, бидејќи бев во голема двоумица помеѓу САД и Македонија. Ја донесов одлуката, останувам во Бостон бидејќи сметам дека тоа е најбезбедно за мене. Не би сакала да се изложам на непотребен ризик.“ - започна Ања за Хаштаг.
Како што веќе кажавме таа мометално е во Бостон, кој не е во голема опасност од вирусот, а Ања се обиде од прва рака да не извести за сите мерки кои ги има преземено целата држава.
„Во моментов Бостон не е во голема опасност, меѓутоа превземени се одредени мерки во целата држава со цел да се спречи размножувањето на вирусот и да се заштити народот. Исто така, претседателот Трамп даде наредба дека сите треба да бидеме дома и зачудувачки е што сите тоа го почитуваат. Сите барови, ресторани и продажни места се затворени, дури и летовите надвор од САД се забранети. Кога станува збор за луѓето околу мене, може да се каже дека ситуацијата е тажна. Повеќето од моите пријатели си заминаа дома со цел да бидат со своите семејства иако беа свесни дека самиот пат е многу ризичен. Со повеќето се разделив пред неколку дена, а со другите го поминувам карантинот.“
Дека е послушна и дека ги почитува препораките е јасно уште откако ни ја откри одлуката да остане во Америка, но тука се и оние малите и подеднакво важни препораки.
„Мијам раце на секои 10 минути. Користам маска за лице и ракавици веднаш штом излезам од дома. Со мене секогаш имам алкохолни влажни марамици или течно алкохолно средство. Се трудам најмногу што можам да се грижам за себе и да бидам изолирана во мојот дом. СЕДИ СИ ДОМА!“ - истакна Ања, која е многу километри далеку од своето семејство кое е во Македонија.
Таа овие тешки мигови на изолација ги поминува со пријателите од Америка, а семејство и недостасува повеќе од вообичаено.
„Неописливо многу ми недостасува семејството. Морам да признаам дека е многу тешко да си сам преку океанот во вакви ситуации. Мојот план за оваа учебна година беше да не се вратам во Македонија до Декември 2020. Планирав да го поминам летото тука и да не се видам со семејството 1 година. Но, ќе видиме што ќе се случи со тој план и дали ќе биде реализиран. Во овие лоши денови кога светот на некој начин е исполнет со безнадежност, црнина и немоќ, би сакала да можам да ги прегрнам оние за кои живеам...брат ми Лука, мама Ирена и тато Зоки. Потребни сме еден на друг, но ние сме едно безразлика на километрите кои не разделуваат. Љубовта нема граници.“ - некриејќи ги емоциите сподели Ања.
Кога ќе се смири ситуацијата, нашата Ања ќе ја добие прегратката од нејзините најсакани, а дотогаш внимателно прочитајте го нејзиниот апел и секако почитувајте го!
„Седете дома! Грижете се за своето здравје и здравјето на вашите најблиски. Сакајте се, негувајте се и почитувајте се бидејќи животот е краток. Коронавирусот треба да биде една голема лекција за човештвото. Треба да сфатиме веќе еднаш дека треба да се грижиме и почитуваме едни со други вклучувајќи го и нашиот заеднички дом, планетата Земја.“
Ивана Мисајловска