Библиотекарка со дрон им доставува книги на деца кои останаа дома поради коронавирусот
Кога училиштата, театрите, забавните паркови и библиотеките низ целата земја се затворија поради коронавирус, на децата им останаа малку активности за да ги одржат зафатени. Така, Кели Пасек, библиотекарка во училиште во Вирџинија, најде креативен начин да се осигура дека децата во нејзината заедница сè уште имаат книги за да ги држаат окупирани: Таа започна да ги испорачува книгите со дрон до нивните домови.
„Како училишен библиотекар, за мене е исклучително важно да одржувам врска со моите ученици“, рече Пасек во видеото.
„Така можам да се уверам дека тие имаат пристап до ресурсите што им се потребни и ресурсите што ќе им овозможат да бидат успешни - не само академски, туку и во животот“.
Пасек, која работи во државно училиште во округот Монтгомери, рече дека кога започнало далечинско учење во училиштата поради коронавирусот, и' станало тешко да ги одржува овие врски со учениците.
„Како требаше да ја одржувам таа врска со моите ученици без да бидам во ист физички простор со нив?“ - се прашувала.
Нејзиното семејство честопати користи Винг, дрон-услуга од матичната компанија „Алфабет“ на Google, за да ги доставува потребните производи директно до нивната врата.
Така Пасек дојде на идеја да ја користи технологијата за да им помогне на другите.
„Државните училишта во округот Монтгомери ќе бидат првиот јавен училишен систем во светот што ќе го употреби дронот за да им достави книги на нашите студенти“, рече Пасек. „Воодушевени сме од оваа можност да имаме навистина уникатен начин за испорака на ресурси на нашите студенти и тоа да го направиме практично и безбедно“.
Пасек го координира процесот на испорака со Винг. Студентите можат да побараат книги од библиотеката, користејќи онлајн формулар. Пасек ги исполнува барањата, ги пакува книгите во специјални кутии за испорака, а потоа ги прикачува на дрон, кој ги испорачува.
„Нашите библиотеки се суштински и уникатни делови на нашата заедница и исклучително е важно нашите студенти да продолжат да имаат пристап до книги што се тука во нашите библиотеки“, рече Пасек.
Услугата започна минатата недела на ограничена пробна основа, според Винг. Сега, студентите во округот Монтгомери можат да изберат повеќе од 150.000 наслови на книги, а нивните книги ќе бидат доставени до нивниот двор.
извор:cbsnews