Билјана Велковска: „Умешност на лутината“ е водич за препознавање и справување со лутината

Билјана Велковска: „Умешност на лутината“ е водич за препознавање и справување со лутината

Објавена во: После „Школо“ // PR

Лутината е најмалку разбрано човечко чувство. Оваа емоција е тешка за скротување, може да биде корен на многу наши дисфункционалности, но и извор на нашата лична моќ. Таа е во фокусот на новата книга од областа на популарната психологија „Умешност на лутината: мал водич за голема лична моќ“ од м-р Билјана Велковска, која беше промовирана вчеравечер (20 октомври), во „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е спој на научна теорија и истражувања, како и на личните искуства.

Ова е втора книга на Велковска, по „Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“, исто така во издание на „Арс Либрис“.
„Умешност на лутината“ ја дисецира емоцијата лутина и начините на нејзино изразување – потиснување, задржување на лутината, пасивно-агресивен стил, конструктивна лутина – и посочува како да добиеме најмногу од својата лутина.
– Секојдневно гледам многу лути луѓе. Некои од нив и не знаат дека се лути. Лутината има многу лица, се појавува на мноштво начини, некои и не толку лесно препознатливи: преку зајадливи насмевки, постојано критикување, тврдоглавост, дури и на своја штета, цинизам, губење на виталноста, безволност... Со ова доаѓаат и несоници, лошо варење, хипертензија, крцкање со забите во сон, тензични главоболки, хроничен проблем со грлото или забите... Помислив дека би било добро да има книга на македонски јазик што ќе зборува за овие нешта и што ќе појасни како да ѝ дозволиме на својата лутина да стане наш заштитник, зашто ја чувствуваме од токму таа причина – од потребата да се заштитиме – рече таа.

По стравот и анксиозноста, лутината е следно чувство што најчесто е предмет на научни истражувања. Дел од нив се инкорпорирани во книгата.
– Како тема, лутината лично ми е интересна и значајна за истражување, зашто додека не ја видов и прифатив својата лутина, додека не научив како да ја носам, не направив значаен напредок во работата на себеси, во својот развој како личност. Лутината е учител, ако си дозволиме да ја чуеме ќе нѐ научи многу за нас и за нашите вистински потреби, за нашите лични граници, за квалитетот на односите со другите и, во крајна линија, за задоволството на живеењето. Лутината е несфатена и неприфатена емоција, најчесто не сакаме да ја чувствуваме, ниту да ја гледаме кај другите. Ја игнорираме, потиснуваме, маскираме, бурно ја истураме... дозволуваме да работи против нас. Оттаму и фокусот на книгава да ја појасни и да ја доближи оваа многу корисна емоција... Тоа е паричка со две лица, дали ќе биде двигател и мотиватор или кочница и непријател зависи од нашиот однос кон чувството и што правиме со него, како ќе го изразиме – истакна таа.

Нагласи дека нема еден (универзален) совет како да се справиме со лутина, што ќе им одговара на сите.
– Сите луѓе се справуваат со својата лутина на различен начин. Затоа се потрудив во книгата да препорачам насоки за работа на својата лутина за сите видови, да може нивната лутина да работи за нив, а не против нив – за да може силната енергија на лутината да се трансформира во виталност и хармонија... Кога пишувам немам целна група, едноставно пишувам и се надевам дека ќе стигне до оние на кои им е потребна. Верувам дека ние не ги наоѓаме книгите, туку тие нѐ наоѓаат нас во периодите кога ни требаат и за темите што ни се значајни. Секако, ниту една книга, колку и да е добра, нема да го смени животот никому со магично стапче, ама може да инспирира, да информира, да прошири нечии хоризонти и да нѐ поучи... Се надевам дека „Умешност на лутината“ ќе го стори токму ова за луѓето на кои им е потребна – рече таа.

Промоторки на книгата беа доц. Мирјана Јовановска Стојановска (психолог/психотерапевт и претседател на Комората на психолози на Македонија) и м-р Дора Попова Узуновски (психолог/психотерапевт).
– „Умешност на лутината“ нè води на мало патување, а првата станица е: лутината. Секојдневно се сретнуваме со оваа емоција, ама многумина од нас не сфаќаат колку комплексна и важна е лутината за нас. Ова чувство е корен на многу наши дисфункционалности, незадоволства, несигурности. Меѓутоа, исто така е учител и извор на нашата лична моќ. Преку примери од секојдневието, книгата ни открива слој по слој од лутината. Откако ќе ја прочитаме сфаќаме дека патувањето со „Умешност на лутината“ било патување во самите нас. Наша е лутината, наш е изборот што ќе правиме со неа – рече доц. Мирјана Јовановска Стојановска.

Дора Попова Узуновски нагласи дека „Умешност на лутината“ е како амалгам од повеќе книги, па на читателот му ги дава најпотребните информации што би го извлекол за себе од сите тие трудови заедно. Практичноста е негова силна страна.
– „Умешноста на лутината“ е ретко дело наменето за пошироката читателска публика, а сепак според својата содржина не спаѓа во класичната комерцијална литература меѓу книгите за самопомош... Овој водич е особено важен да се има на полицата во секоја домашна библиотека, бидејќи во исто време е пред самото време, но и сосема навремен, имајќи предвид дека е време да се почне еволуција на лутината. Таа е најосновната човечка и животинска емоција со која човекот може да уништи и да се самоуништи, но кога е свесно трансформирана, тогаш е најголемиот двигател и сила на личноста која отвора железни врати, прави чуда и поместува планини. Тогаш се вика љубов – рече таа.

Билјана Велковска дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а магистрирала клиничка и советодавна психологија на Меѓународниот славјански универзитет. Во 2019 година, во издание на „Арс Ламина“ ја објави „Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“, нејзиното прво дело, плод на повеќегодишно истражување на една многу важна и неправедно занемарена тема: конекцијата помеѓу телото и умот.

Книгата „Умешност на лутината: мал водич за голема лична моќ“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на www.literatura.mk

ГАЛЕРИЈА: 


* ПР - објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: