Битбоксерот Мартин Буцо ослабе 51 килограм: Си мислам дека сум во тело на некој друг човек
Познатиот битбоксер Мартин Атанасовски, е познат по својот талент и битбокерска умешност, а познат е и по прекарот Буцо кој му стана и уметнички заштитен знак. Овој исклучително ведар лик, својот прекар и понатаму го носи, иако веќе не важи, затоа што за 14 месеци, тој успеа да ослабе преку 50 килограми. Мартин за „Хаштаг“ ја раскажа целата приказна за трансформацијата, надевајќи се дека неговата упорност ќе биде мотив за сите кои сакаат да се променат и оти не залудно се вели дека ако се сака, сè се може.
# На твојот Фејсбук профил искрено кажа дека последен пат двоцифрена бројка на вагата си видел во шесто одделение, а во последниве години си стасал до 150 килограми. Како се случи тоа?
Да точно последен пат во шесто одделение бев двоцифрена бројка на килажа. Буквално цело мое детство уште од моето прво одделение бев доста крупен и на некој начин имав проблем со вишок на килограми, но посебно од шестото одделение веќе бројката беше троцифрена. Ми беше тешко искрено кога гледам дека цел клас е на нормална килажа јас се очувствував незгодно, чудно, иако бев прифатен како најнормално дете и не добивав навреди и слично, но пак ми беше не удобно и се чуствував лошо. Дете како дете, безгрижно за самиот себе уште не знаеш како треба и што точно треба за да се прекине тој проблем и да се реагира на време. После долги 12 години решив веќе еднаш засекогаш да ја сменам таа навика да го сменам мојот начин на живот да ја тргнам таа троцифрена бројка од вагата буквално, едноставно не се сакав веќе самиот себе таков почна да ми пречи во повеќе работи, сфатив дека најубавите години ми се во овој период зошто да не сменам нешто во врска со мојата килажа и да уживам во овие години кога знам дека можам и имам можности за да го направам тоа.
# Кој беше клучен момент да се решиш на овој чекор, слабеењето?
Клучниот момент за овој чекор беше тоа што веќе не можев буквално да се поднесам самиот себе каков сум. Сакав да се променам сакав да бидам поподвижен, сакав да можам сè што ке видам да си купам, да облечам секаква облека. Посакав да не бидам мрзелив повеќе, секој пат гледајќи се во огледало како да се гледав сè полош и сè поголем, и решив да ставам крај на сето тоа и да започнам буквално нов живот во секој поглед .
# Сега си 51 килограм полесен, имаш повторно 99 килограми. Колку време ти требаше да ослабеш, со кој режим на исхрана и со какви вежби?
Моментално сум на 99 кг., оваа досегашна трансформација ја достигнав за 14 месеци досега. Не сакав да брзам, не сакав ништо да е исфорсирано, туку сакам пополека здраво без брзање „натенане“. Целиот режим на исхрана ми е променет, моментално некогаш си има исклучоци нормално телото си бара и хамбургер и пица но тоа е еднаш ва во 10 дена. Сакам да му се заблагодарам и на мојот поголем брат и другар Панчо ДНК многу ми помогна во врска со исхраната, и ми даваше многу совети како да го оствариме заедно мојот сон ме подучуваше подетално за работи кои јас не ги знаев. Секако сум им прво најблагодарен од срце на моите родители што до сега ми овозможиле многу услови за да го постигнам ова. Секој вид на вежбање и физичка активност е добродојдена за ваква промена, но лично јас практивуав и сè уште практикувам: Водно и Теретана, 2 пати неделно ми е резервирано за Водно и 3 пати неделно е резервирано за теретана и искрено ми е супер. Уживам во вежбањето. Буквално, колку што порано ми било убаво да конзумирам штетна храна, толку сега ми е убаво вежбањето и физичката активност, ако правиме споредба- порано и сега.
# Дали некогаш си имал проблеми од околината, неприфаќање или можеби врснички булинг поради тежината?
Па, добро во вакво општество во кое ние се наоѓаме нормално е тоа да има од некој луѓе булинг, навредни зборови, да те исмеваат или слично. Сум имал такви ситуации не викам дека не но биле многу малку, претпоставувам дека секој што го има истиот проблем со тежината, дека бил подлежен на истиот булинг, и ако некој има прекумерна тежина те гледаат како да си паднал од Марс буквално. Не ми пречело тоа и не сум обрнувал внимание на тој булинг никогаш.
# Како реагираат сега на „новиот ти“, што ти велат луѓе кои долго не те виделе?
Реакциите се интересни, стварно зачудувачки, неверувачки, поготово од луѓе кои подолго не ме виделе дали на социјални мрежи дали во живо, многу убави реакции многу пофалби, многу мотивација. Искрено со тоа гледам всушност колку сум успеал јас во ова, и каква промена сум направил самиот за себе, не можам да опишам колку сум среќен и ми е преубаво. Чудно се осеќам како се да ми е ново, си мислам дека сум во тело на некој друг човек само онака привремено, хаха уште не можам да се освестам.
# Потсети не накратко уште еднаш, како почна твојата приказна со битбоксот?
Приказната со битбоксот е започната пред околу 10 години во додека бев основно училиште, во тој период сè беше само шала нормално. Не ни мислев дека можам да го совладам на повисоко ниво, го немав сфатено толку сериозно, но на шала на смеа увидов дека можам повеќе да се надградам, и да биде на некое повисоко ниво каде што ќе можам и пред публика да го прикажам тоа на некаков концерт настап и слично. Исто така од пред неколку години сум многу чест гостин на дуото ДНК. Секаде скоро сум со нив на настапи како изненадување си имаме наше шоу интересно, и од срце сум им благодарен на таа пружена можност и соработка.
# Кој е Мартин приватно, што те прави среќен кога не работиш?
Мартин приватно е многу дружељубив весел насмеан човек, обожавам убаво пријатно друштво со многу смеа шали и шали на моја сметка. Доста сум скромен за многу работи, сакам да ги расположувам луѓето да ги смеам да им пренусвам позитивна енергија и кога е најтешко. Моментално кога вежбам сум многу среќен и исполнет, кога имам фини пријатни луѓе околу мене, кога сум со моето друштво во маало буквално кога сум со луѓе кои ги сакам. Музиката ме прави среќен исто така многу, колку и да е лош денот или ноќта, моментот или било што музиката многу ме исполнува ми нанесува позитива, среќа заљубен сум во музиката. 24/7 сакам да ја слушам буквално.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива