Битолчанка Мила Ивановска - генијалец во математатика и физика: Ги собра сите медали на Интернационални Олимпијади
Мила Ивановска е 17 – годишна средношколка. Живее во Битола и е ученик во четврта година во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола. Таа е девојка која е навлечена на науката, поточно на физиката, но е и еднакво добра и во математиката. Медалите и сите останати освоени признанија се доволен доказ за нејзината успешност во оваа област.
Своето понатамошно образование дефинитивно е решена дека ќе го посвети на физиката, но се уште е неизвесно каде ќе се дообразува. Македонија и Природно математичкиот факултет и се секако опција, но првенствено би сакала истото да го продолжи во некоја друга држава, каде што образовниот процес е прилагоден на современото време.
# Зад себе имаш безброј натпревари од областа на природните науки, но и награди од истите. Можеш ли да издвоиш неколку кои посебно ти значат?
Доколку треба да одберам само неколку, тогаш сигурно би ги избрала оние меѓународни олимпијади во кои бев дел од претходно избраниот националнен тим, ја претставував Македонија и се закитив со медал. Такви ги има четири: две Интернационални Јуниорски Олимпијади по природни науки (два бронзени медали) и две Јуниорски Балкански Олимпијади по математика (два бронзени медали). Тука би можела да го спомeнам и единствениот сребрен медал кој го имам од меѓународна олимпијада и тоа на Иранската Геометриска Олимпијада.
# Еднакво си добра и во математика и во физика, но кога би требало да одбереш, на која наука би паднал изборот?
Сѐ до крајот на основното образование бев строго определена на математика. Во текот на средното образование одлучив да студирам физика, но морам да напоменам дека се немам откажано од математиката, туку едноставно физика без математика нема, и дури и сега колку време посветувам на физика, толку и посветувам и на математика. Се определив за физика, бидејќи мислам дека има многу повеќе простор за истражување, а исто така и многу повеќе се поклопува со моите лични желби: кариера која не би била монотона и досадна, присуство на ризик при истражувањата, како и генерално можноста за решавање на проблеми. Mожеби тука во Македонија не, но во поразвиените држави, со завршен факултет физика не ти се отвора врата само за професор или наставник, туку еден цел спектар од кариери во секоја област од општествениот живот.
# Колку си задоволна од тоа како професорите и наставниците ти го пренесоа знаењето? Дали можеби тие се виновници за твојата љубов кон овие предмети?
Да, тие се оние кои ме насочија кон природните науки и многу ме научија, почнувајќи од наставниците во основно и професорите во средно, па сѐ до професорите на ПМФ и предавачите во истражувачката станица Петница во Србија. Мислам дека имам голема среќа што имав одлични професори во текот на целото образование, бидејќи доколку не ја совладаш добро основата на било која природна наука или математиката, не можеш да продолжиш понатаму, невозможно е да работиш нешто ново, ниту пак да го следиш материјалот затоа што сѐ е надоврзување и надополнување на нешто што претходно си го учел.
# Што е она што Мила го прави надвор од образовниот процес? Дали имаш некое хоби?
Да, речиси никогаш не сум посветена само на една работа, напротив сакам слободното време да ми е квалитетно исполнето и да се занимавам со различни работи. Со нетрпение го чекам снегот, уште од мала најмногу од сѐ го сакам скијањето. Кога бев мала идол ми беше првата скијачка, која од Македонија отишла на Зимските олимписки игри и тоа битолчанка, но за жал и ден денес кај нас многу се мали шансите и условите за успех и кариера во тоа поле (речиси никакви). Инаку, генерално го сакам спортот - во текот на летото тренирам и пливање, а сега затворени се салите, па единствена опција останува планинарењето на Пелистер за време на викендите кога дозволуваат временските услови. Покрај спортот, свирам на тапани, гледам филмови, и нормално неизоставен дел од секојдневието на секој средношколец е и дружењето (сега за жал отежнато со пандемијата).
# Дали твоето хоби се обидуваш да го споиш со твојата љубов кон науката или пак се трудиш преку него да ги оттргнеш мислите?
Моментално, спортот и музиката ги гледам само како активности во кои уживам. Но, во иднината би можела да се замислам како некој кој работи на развиток на ски опрема или ударни музички инструменти, зошто да не? Сум прочитала некои трудови и можам да кажам дека има многу физика во постигнувањето на поголема брзина и стабилност при скијањето или во составувањето на некој нов музички инструмент.
# Интересно е тоа што имаш завршено основно музичко училиште. Како дојде до тоа да се префрлиш од музиката кон науката?
Кога бев петто/шесто одделение сѐ уште постоеше можноста да се запишам во средно музичко училиште како инструменталист. Тогаш свирев ксилофон и добош, колку што бев исполнета од математиката толку и од свирењето, па затоа и се двоумев каде би продолжила. Се сеќавам кога родителите ми ветија дека ако ја совладам композицијата „Турскиот марш“ на ксилофон, ќе добијам тапани - една од моите најголеми желби од детството. Па јас, едно упорно 11 - годишно чупе, и мојата амбициозна професорка која секогаш ќе ја паметам, навистина успеавме да ја совладаме композицијата за неполна година и со неа да го земеме првото место на државниот натпревар. Веднаш после тоа професорката (голем поздрав до неа!) доби многу подобро и сигурно работно место во Сиднеј (за разлика од она кое го имаше кај нас), па малку и се разочарав бидејќи потоа немаше кој да ме повлече напред. Од друга страна, во тој период во математиката газев напред, следеа и првите успеси на државно и меѓународно ниво, па претпоставувам дека тогаш беа и пресудните моменти кога се одлучив за математиката и природните науки. А, денес веќе цели три години свирам и на сет тапани, но само за забава.
# Каде планираш да го продолжиш своето образование? Веруваш ли во нашиот образовен систем и она што го нуди истиот или среќата ќе ја бараш надвор од Македонија?
Во Македонија единствена опција е Природно - математичкиот факултет во Скопје. Гледајќи ги условите изминативе три години, би рекла дека има многу солиден кадар и не се сомневам во знаењето кое би го добила од професорите. Но, гледам два потенцијални проблеми - застарена програма и лоши лабораториски услови со истите вежби кои се правеле многу децении на назад, а светот пребрзо оди напред, има студенти кои и на факултет работат на врвни научни достигнувања, па оттука следува и вториот проблем - немање на научно - истражувачки центри и лаборатории каде би можела како истражувач, а не наставник по физика, да ја продолжам мојата кариера. Па затоа, моментално аплицирам на неколку факултети во странство и тоа Англија, Америка и Франција, но како можност секако го имам и ПМФ Скопје.
# Каде се гледаш за 10 години? Што би сакала да биде твојата идна професија?
Би сакала да работам како истражувач (можеби биофизичар) во некој научно - истражувачки центар. Но, не сакам од сега да се ограничам - затоа и би сакала да студирам физика, сметам дека ќе има многу различни можности понатаму. Како што кажав погоре, би било интересно да ја спојам понатаму физиката и со некое мое хоби. Како и да е, целта ми е да уживам во работата што ќе ја работам, да ми е интересна и да носи нови предизвици.
# Кој хаштаг најчесто го користиш на социјалните мрежи?
#mountains #ski #extremesports #harrypotter
И. Мисајловска