Бојан е похрабар од мене: Интервју со Петар Петковски од „Фамилијата Марковски“

Бојан е похрабар од мене: Интервју со Петар Петковски од „Фамилијата Марковски“

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Петар Петковски е момче кое го запознавме сите преку малите екрани. Во 2017 година влезе во актерските води и првиот проект во кој учествуваше е играната серија „Фамилијата Марковски“. Улогата на Бојан донекаде кореспондира со неговиот приватен живот, бидејќи ликот е на иста возраст со него. Што им е заедничко, но и во што се разликуваат Петар и Бојан оценете по одговорите на овој успешен тинејџер.

# Во глумата влезе сосема неочекувано, а веќе втора сезона си во серијата „Фамилијата Марковски“. Ќе може ли да ни раскажеш како стана дел од оваа серија?

На ова прашање имам одговорено доста пати, имаше отворен кастинг и јас отидов да и правам друштво на сестра ми, немав план да се пријавам затоа што не верував дека сум способен за такво нешто ама затоа судбината имала поразличен план од мојот.

#Бојан, ликот што го глумиш во серијата е тинејџер исто како тебе. Што им е заедничко, а што различно на Петар и Бојан?

Бојан и Петар се исто „годиште“, двајцата се бунтовни и поминуваат низ слични ситуации во животот, разликата е што Бојан ги решава проблемите на различен начин од Петар, со снимање видеа, додека Петар не го сака тој начин на изразување. Може да се каже и дека Бојан e похрабар.

#Како во првата, така и во втората сезона на серијата се претставени одредени ситуации и проблеми во училиштата. Ќе може ли од прва рака да ни кажеш каква е навистина состојбата во училиштата и дали истата е добро претставена во серијата?

Како се во серијата, така и ситуацијата со училиштето е реално претставена. Инспирацијата за да се сними такво нешто е земена токму од вистинските проблеми со кој се соочуваме ние учениците.

#Училишниот булинг е нешто кое е поакцентирано. Си бил ли сведок или пак учесник на училишен булинг?

За жал сум бил сведок на училишен булинг, тоа е проблем кој го има во сите помлади генерации. Во мојот пример, булингот беше позастапен во основно училиште за разлика од сега, мислам дека причината за тоа е фактот дека веќе сме по зрели. Премногу се фокусираме на нашите различности и мислам дека тоа е причината поради која се шири многу негативност и настанува булингот. Бидете позитивни, убавите работи се случуваат кога ќе се дистанцираме од негативноста.

#Што е она што ти го донесе оваа улога, доколку ја исклучиме популарноста?

Оваа улога донесе многу работи во мојот живот. Нови искуства, предизвици, но најмногу сум благодарен за сите познанства што ги стекнав поради неа. Покрај луѓето, ме запозна и со светот на глумата, кој веројатно никогаш немаше да го запознам, ако ова не се случеше.

#Во серијата глумат многу звучни имиња од актерската фела. Како е да се работи со еден Александар Микиќ, Сашко Коцев, Силвија Стојановска, Владимир Петровиќ?

Многу сум среќен што при снимање на мојот прв проект имав можност да учам од најдобрите актери во нашава држава, затоа што да не беа нивните совети мојот перформанс немаше да изгледа исто како сега.

#Кога ќе ја тргнеме улогата и глумата настрана, каков е Петар приватно?

Јас не сакам да зборувам многу за себе, ама можам да ви кажам дека сум дете кое сака филм, театар, слободното време најчесто го поминувам излегувајќи со другарите, гледајќи фудбал или кошарка и читајќи книга.

#Имаш ли некое хоби?

Многу ја сакам музиката и свирам на гитара. Исто така уште од мал се занимавам со спорт, редовно вежбам и често играм кошарка. Во последно време ми се разви и голема љубов кон мотоциклизмот, па може да се каже дека и возењето на мотор е мое хоби.

#Бојан има врска на далечина. Но, што се случува со Петар, заљубен ли е?

Бојан ја прекина врската на далечина во втората епизода и сега е слободен, исто како и Петар.

#Каде се гледаш за 10 години?

Животот ме научи дека често пати нашиот план нема да се исполни и никогаш не можеме да предвидиме како ќе се одвиваат работите во иднината. Пред да се случи „Фамилијата Марковски“ никогаш не ни помислував дека можам да се најдам во улога на актер. Баш поради тоа научив дека некогаш и најнеочекуваното може да се случи и да промени многу работи во животот. Затоа не ни сакам да планирам што ќе се случи за 10 години, оставам времето да покаже.

#Кој хаштаг најчесто го користиш?

Тие што ме следат на социјалните мрежи знаат дека не сум многу активен, а да бидам искрен и не користам хаштагови, но можам да ви кажам дека бидејќи сум голем на НБА лигата, омилен хаштаг ми е NBA.


Ивана Мисајловска

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Можеби ќе ве интересира: