Броња Жакељ ќе го промовира романот „Бело се пере на деведесет“ во Скопје

Броња Жакељ ќе го промовира романот „Бело се пере на деведесет“ во Скопје

Објавена во: После „Школо“ // PR

Наградуваниот роман „Бело се пере на деведесет“ од словенечката авторка и новинарка Броња Жакељ ќе биде промовиран на 20 септември (вторник), во книжарницата „Литература.мк“ на ул. „Македонија“, со почеток во 18 часот. Книгата, која е во издание „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е дел од едицијата „Литера модерна“. Објавувањето на книгата е поддржано од книжевната мрежа ТРАДУКИ.

На промоцијата, покрај авторката Броња Жакељ, кон книгата ќе се осврнат и Дарко Спасов, преведувач од словенечки јазик, и Бисера Бендевска, уредничка на книгата.

„Бело се пере на деведесет“ е шокантен, духовит и инспиративен роман, што ја бележи животната приказна на нараторката, која во прво лице раскажува за своето детство во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, па сè до денес. Во нејзините живи спомени на детските денови има врволица од луѓе, роднини и пријатели и богат социјален живот, што повеќепати нескриено и со носталгија таа ги поврзува со животот во рамките на поранешната република, кога се организирале групни летувања, колективни зимски екскурзии и кога луѓето главно биле безгрижни. Но, покрај тоа што овој роман во основата е наратив за растењето, истовремено е и соочување со загубите и со болеста и го доловува напорот за припитомување на стравот и на сето она што не сакаме да го видиме додека не се соочиме со него неминовно. 

Броња Жакељ (1969) е дипломирана новинарка по образование. Нејзината радост заради пишувањето останува некаде меѓу страниците на списанијата и во редакциите на дневните весници, па својот прв професионален ангажман ѝ е во секторот маркетинг, а денес работи во секторот банкарство. Со оглед на тоа што во финансиите нема многу креативност, а нејзината љубов кон пишувањето никогаш не ја напушти целосно, одлучува да го напише својот прв роман, „Бело се пере на деведесет“ (2018), за кој ја добива престижната книжевна награда „Кресник“ за 2018 година.


Жакељ, која живее и работи во Словенија, деновиве ќе престојува во Скопје, како гостинка на јубилејното 10. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, што ќе се одржи од 18 до 20 септември.
Книгата „Бело се пере на деведесет“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk, на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14758

ПР објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: