Часовите поминати на глума ми се омилени: Интервју со Кјара од „Дајте музика“
Кјара Анастасова има 9 години и учи во четврто оддление во основното училиште „Лазо Ангеловски“. Нејзиниот првичен талент е глумата и можеме слободно да кажеме дека има големо искуство кога е актерството во прашање.
Кјара досега има учестувано во една театарска претстава насловена како „Нашата љубов“, но исто така беше дел и детскиот серијал „Дајте музика“. Исто така, ова 9 - годишно девојче посетува и часови по пеење, а за тоа како успева да постигне сѐ, прочитајте во продолжение.
# Се занимаваш со глума, од колку години започна со ова хоби?
Со глума почнав да се занимавам од моите 7 години, кога се запишав во актерската школа на Весна Петрушевска. Часовите поминати на глума се моето омилено време во денот, а љубовта која ни ја пренесува Весна, кон уметноста и актерството е многу значајно за мене. Едноставно уживам во секој поминат момент со Весна и моите другарчиња од актерското училиште.
# Дали на истото гледаш како на идна професија?
Со оглед на тоа дека имам само 9 години, можеби е прерано да кажам, но би сакала и понатаму да се занимавам со актерството, кое можеби еден ден ќе ми биде идна професија.
# Досега имаш глумено во претстава, но се појавуваш и во серијалот за деца „Дајте музика“. Која е разликата кога си на штиците кои живот значат, а која е да пред камера?
Сосема е различно на сцена во театар и пред камерите. На сцена ја чувствувате целата нетрпеливост и очекување на публиката, чувствувате дека се тука до вас и ве следат во секој момент, нема простор за грешка и затоа сакате позитивната енергијата да ја пренесете кон публиката. И покрај часовите поминати во вежбање на текстот сепак кога ќе излезам на сцената тремата е тука и е присутна. Пред камерите пак сосема различен амбиент, многу луѓе, камери, светла, голем тим и за само неколку минути нова сцена, некако се се случува многу брзо, по некој чуден редослед кој го знае само режисерот.
# Малку е неблагодарно, но каде повеќе се пронаоѓаш, во театарот или пак пред камера?
Не би можела да се одлучам мислам дека двете ги сакам подеднакво. Се уште ги откривам и учам тајните на актерството.
# Кога ќе се навратиш на снимањата на „Дајте музика“, што научи од овој серијал?
Серијалот „Дајте музика“ беше едно огромно позитивно искуство за мене. Пред сѐ научивме многу детски игри, меѓусебно се запознавме во тие 40 дена многу подобро и веќе интензивно се дружиме. Но, од друга страна научивме што е професионализам, како треба да се однесуваат вистинските актери. Секој ден бевме на снимање од 7:30 часот до 16 часот. Беше напорно, но и многу интересно.
# Во емисијата, но и во претставата, пееш, глумиш, играш. Но, дали приватно имаш некое друго хоби?
Освен со глума, се занимавам и со пеење. Воопшто не е лесно, нови текстови и многу вежбање. Одам на часови кај Андријана Јаневска, која ми ги открива тајните на пеењето. Мислам, за да еден актер биде целосен освен да глуми мора да знае да пее и танцува на сцена.
# Имаш ли освоено некоја награда, која ти е особено драга?
Од своите 4 години, одев на Brain o Brain. На регионалниот натпревар кој се одржа во Скопје, освоив медал, а втората година освоив пехар за прво место. Оваа награда ми беше исклучително драга.
# Кој ти е најголема поддршка кога е во прашање твојата пасија кон актерството?
Мојата мајка, татко и брат ми Дарио, ми се најголемата поддршка. Кога ја снимавме првата сезона од „Дајте музика“, поради мене сите се откажаа од летниот одмор. Секојдневно дома мораа да ме слушаат додека ги повторував текстовите за утрешниот ден. Сега покрај учењето и повторувањето на текстовите за следната театарска престава која ја подготвуваме во наредниов период, дополнително ме подржуваат и слушаат како вежбам пеење. Но, би го издвоила и моментот кој многу ме радува и мотивира, a тоа e насмевката и лајк со раката на Весна после добро кажаниот текст.
# Имаш ли некој актер чија кариера ја следиш и и се восхитуваш на истата?
Актер на кој се восхитувам без исклучок е мојата професорка по глума Весна -бејби, а ми се допаѓаат и актерите од серијата „Преспав“. За време на зимскиот распуст ги изгледав сите сезони од серијата „Stranger Things“. Главниот лик во серијата е Мили Боби Браун, која ми остави голем впечаток и е една од актерките која ја следам.
# Каде се гледаш за 10 години?
Хм, тешко прашање. Не знам што да одговорам... би сакала да глумам во некој филм или серија.
Ивана Мисајловска