Чувството да си меѓу најдобрите е одлично: Македонските средношколци за успехот на Олимпијадата по информатика

Чувството да си меѓу најдобрите е одлично: Македонските средношколци за успехот на Олимпијадата по информатика

Објавена во: Технологија, Таленти

Живееме во време кога јавноста повеќе се интересира за животот на познатите ѕвезди, кои илјадници километри се далеку од нас, отколку за успесите кои ги постигнуваат младите и талентирани тинејџери. Ситуација слична на оваа имаше пред неколку дена, кога главна вест на македонските портали беше големиот број лајкови кои ги „собра“ на Инстаграм латино ѕвездата Џенифер Лопез, а само неколку го споделија успехот на тројцата средношколци кои освоија бронза на Интернационалната олимпијада по информатика.

Во конкуренција со 343 ученици од 87 земји ширум светот, 19 – годишниот Андреј Величковски, 17 – годишниот Благојче Павлески и 18- годишниот Андреј Шеќеров го постигнаа овој голем успех. Иако сите тројца досега имаат учествувано на многу натпревари по информатика, оваа Олимпијада велат дека била посебно искуство за нив, бидејќи истата се одржуваше онлајн.

„На натпревари по информатика учествувам речиси 6 години и имам учествувано на повеќе натпревари. Структурата на натпреварите по информатика онлајн е речиси иста како на натпреварите кои се одржуваат во живо. Сепак, кога натпреварот се оджува онлајн се забележува дека недоставува дружењето со останатите натпреварувачи, кои исто така учествуваат од своите држави. Ги нема и екскурзиите, кои беа можност за да се запознаеме со другите натпреварувачи, како и да видиме поголем дел од културата на некоја друга држава.“ – посочи Величковски, кој е матурант во Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово.

Кон ова се приклучи и прилепчанецот Благојче, кој посочи:

„За разлика од натпреварите од другите науки, информатичките натпревари се целосно приспособени за одржување онлјан, дури и пред актуелната состојба каде што е неопходно. Како учесник на повеќе како онлајн, така и натпревари со физичко присуство, чуството за тие неколку часа каде што се бориме за поени е исто, но чуството на изолација и недостаток на размена на мислења и стекнување пријателства како и создавање на добри сеќавања со истите ја прави големата разлика.“

За разлика од нив двајца, идниот матурант од СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“, Шеќеров вели дека ова било искуство што не се разликува многу од претходните.

„Иако натпреварите како ИОИ досега секој пат биле со учество на лице место, други натпревари по програмирање многу често се одржуваат онлајн и затоа воопшто не ми беше чудно онлајн учеството.“

Дека се горди на постигнатите резултати открија и самите тие:

„Многу сум задоволен со успехот, особено поради тоа што доаѓаме од релативно мала земја. Со ова искуство си докажав дека, без разлика од каде доаѓаш, сепак е можно да постигнеш големи успеси ако вложиш доволно труд.“ – посочи Шеќеров.

„Чуството за постигнат солиден резултат е добро, но како личност секогаш сметам дека можело доста подобро, дека има простор за подобрување и тоа е мислата која цела следна година ќе ме мотивира да вежбам уште повеќе, стариот успех станува нова „отскочна даска“ за да се стигне до поголемите зацртани цели.“ – вели Благојче.

„Иако со онлајн олимпијадата можеби не може да се забележи големината на самиот натпревар, чувството кога се натпреваруваш рамо до рамо со најдобрите ученици од дури 87 земји од светот е навистина одлично.“ – заклучи Величковски.

Овие тинејџери, кои веќе подолг период се занимаваат со програмирање и одат на разни натпревари по информатика, за Хаштаг открија и што се крие зад нивниот успех.

„Не би рекол дека има тајна, верувам дека со постојана работа и секојдневно читање и откривање нови работи може да се постигне секој успех.“ – краток и јасен беше кумановецот Андреј, а кон неговото мислење се приклучи и Андреј од Скопје:

„Најважното нешто според мене е постојаното вежбање и подобрување, а тоа сигурно се достигнува со решавање на задачи од прошлите натпревари и со учење на нови техники.“

Летниот камп што оваа година бил заменет со онлајн предавања на различни теми од обласната на програмирањето, кој го организира Здружението на информатичари на Македонија, многу им помогнал да се подготват за Олимпијадата.

За крај мораше да ги прашаме каде се гледаат за десет години, иако Благојче немаше одговор на ова прашање, Андерд Величковски и Андреј Шеќеров, без никакво двоумење ни ги открија своите идни планови.

„Се гледам како софтверски инженер во некоја поголема компанија, каде би работел на некој поголем проект кој би можел да го подобри животот на сите нас.“ – посочи Величковски.

„За 10 години, би сакал да имам завршено на некој добар факултет за информатика и да бидам вработен во компанија каде што ќе можам да го работам тоа што го сакам, односно програмирање.“ – вели Шеќеров.

И.М.


Објавена во: Технологија, Таленти

Можеби ќе ве интересира: