„Горди сме што стекнавме сопствена публика!“: Интервју со треш метал бендот Conspiracy
Стефан Трајкоски, Иван Димишков, Давор Капац и Милош Благоевиќ се млади и надежни музичари. Нивниот музички жарн е треш метал, а сите четворица се сплотија под името Conspiracy. За тоа како се задоволни од публиката, колку долго се на музичката сцена и кои бендови им се омилени, прочитајте во продолжение...
# Conspiracy е релативно млад бенд, кој свири еден поинаков жанр. Колку успевате да просперирате со музиката која ја изведувате?
Conspiracy е бенд кој постои две ипол години, ние сметаме дека веќе не сме толку млад бенд хахахаах! Почнавме да свириме од љубов и нашата публика го чувствува тоа. Кога имаш верна публика која го цени тоа што го правиш, успехот доаѓа сам.
# Бендот е составен од 4 члена. Како успеавте да се споите?
Најпрво се запознавме во музичкото школо Music House (Стефан Трајкоски, Иван Димишков и Давор Капац), каде што добивме идеја да формираме бенд, но за да ни се оствари таа идеја потполно ни беше потребен басист - Милош Благоевиќ, кој го запознавме на концерт на музичкото школо Enterprise. Така нас нѐ соединија музичките школи.
# Дали има заинтересираност од публиката за жанрот што го свирите?
Секако дека има заинтересираност за нашата музика. Треш металот е доста популарен жанр на глобално ниво. Кај нас сѐ оди потешко, па и популарноста на овој вид музика. Ние сме горди што стекнавме сопствена публика. Вреди да се свири, да се креира и да се постои за таа публика.
# Имате ли заеднички омилен бенд или музичар?
Отсекогаш на сите четворица најомилен бенд ни бил Metallica, но можеме да ги споменеме и Iron Maiden, Tool, Alter Bridge, Dream Theater, Megadeth, Children of Bodom и многу други.
# На кој светски бенд би сакале да бидете предгрупа на концерт?
Ако веќе мораме да бидеме предгрупа тоа би бил Metallica, но повеќе би сакале да е голем фестивал како Wacken Open Air.
# Во јануари ќе го објавите и својот прв албум. Дали песните што ќе се најдат на него се ваши авторски или тоа го препуштивте на професионалците?
Сите песни се наши, текстовите ни ги пишува соло гитаристот- Давор Капац, а музиката ја правиме сите четворица заедно, со договор. Кога сме кај професионалците, албумот го работевме кај Валентино Скендеровски кој во овој процес ни беше и ментор и најдобар пријател.
# Каде може да ве најдат љубителите на метал музиката, поточно каде настапувате?
Можеме да се пофалиме со преку триесетина свирки во изминативе две години (затоа избегнуваме да кажеме дека сме млад бенд хахахаах ). Во моментов сме преокупирани со издавањето на нашето прво CD. Откога ќе излезе во продажба, први ќе знаете каде ќе го промовираме.
# Каде се гледате за 10 години?
На сцена! \m/
Ивана Мисајловска