„Дајте државата нека им помогне на нашите луѓе“: Дамјан Стоименовски „За лицата со посебни потреби“
На почетокот на месецот се одржа 24-тата Ораторска вечер „Иво Пухан“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Во конкренција од 14 говори, само 8 влегоа во финалето. Осумте оратори, на чело со нивните говори се бореа за една од четирите награди, а оние четири кои останаа без нив, не загубиле - туку само добиле мотив плус за следната година да бидат уште подобри.
Втор говор, кој ќе имате можност да го прочитате на Хаштаг е говорот на Дамјан Стоименовски. Тој е студент во втора година на правни студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.
Дамјан говореше „За лицата со посебни потреби“, а неговиот говор ќе може да го прочитате во продолжение:
„Многу од вас можеби денес очекувате сите овде да зброуваме за политика. Можеби очекувате да зборуваме за Европа. За нашите перспективи. За проблемите на младите.
Но, ајде доста. Да не пополнуваме само време на оваа ораторска вечер. Да не пополнуваме само време на некои телевизиски прилози денес. Да бидеме директни и искрени. Имаме многу поголеми проблеми и теми кои не ги гледаме, кои не сакаме да ги видиме.
Ако зборуваме за политика, некој ќе не суди зошто сме десни или можеби леви. Ако зборуваме за Европа, ќе ни се лутат нашите родители кои очигледно никогаш нема да бидат дел од замислената Унија. Ако зборуваме за нашите перспективи, нашите професори оддамна ќе останеа без студенти. А, ако зборуваме за проблемите на младите, ќе помислите дека сме собрани повторно за да дадемe поддршка на некои нови студентски лидери на нивниот пат до политиката.
Не, доста е. Ајде да не се правиме слепи. Ајде да не се правиме глупи.
Дајте да зборуваме за реални, вистински, секојдневни проблеми. Да зборуваме за реалноста, а не за утопијата. Да зборуваме за нешто што може да не обедини, не за она што секако не разединува.
Додека чекаме некави резултати од избори, додека чекаме некакви датуми, додека чекаме некакви оставки, додека чекаме некакви бројки за мнозинство во Собранието, нам секојдневно ни се случуваат реални проблеми. Живееме во проблеми.
На пат кон оваа зграда, поминав повеќе улици и раскрсници, поминав повеќе семафори и тротоари, патеки и скали, влегов во автобус, а некој од нас дојде можеби и во такси.
Малку тажно, но замислив што доколку некој од нас е лице со посебни потреби, лице со ограничена мобилност, или лице кое користи медицински помагала за да се движи наоколу. Замислив што ако некој има брат, сестра, мајка, баба, татко со посебни потреби, а сака да е овде денес со нас. Што ако сака да се израдува, да се восхитува можеби на нашите говори, да аплаудира, да најде некоја маана или да критикува.
За тие наши луѓе ова општество не дава место. За тие наши луѓе оваа држава не води грижа. За тие наши луѓе и ние често остануваме неми. Тоа се наши луѓе.
Дали знаете дека скоро во секое десетто семејство во Македонија има лице со посебни потреби. Дали знаете дека тие семејства живеат во молк, неприфаќање и скромност. Дали знаете дека цивилизираноста на општествата во 21 век се мери токму по нивниот однос кон луѓето со попречености. Дали знаете дека нашите училишта не се адаптирани за овие наши луѓе, нашите факултети, болници, спортски сали, нашите концертни сали, па дури и нашите цркви и џамии. Нема место пред семафорите, нема тротораи, нема јавни тоалети и паркови кои може да ги користат нашите луѓе.
Немојте сега да ми кажете дека ни треба Европа за ова. Немојте да ми кажете дека постои некаква стратегија или физибилити студија во некое министерство и која штотуку не била реализирана. Немојте да ми кажете дека потребен е уште еден мандат за оваа, или за онаа претходна влада за да се реши овој проблем. Немојте ниту да се обидете да мерите кој повеќе направил на оваа тема. Срамота ќе е.
Да си признаеме дека не сме успеале. Да си признаеме дека вие постарите генерации не сте успеале. Да си признаеме дека и ние младите не сме доволно свесни за секојдневието на нашите врсници кои секојдневно се соочуваат со препреки низ својот живот.
Многу долго се мислев дали да го говорам ова пред вас. Но, решив да проговорам, надевајќи се дека барем некој ќе слушне, ќе се заврти оклу себе и ќе се обиде да им помогне на овие наши луѓе.
Оставете приказните за Европа, таа нема да ни ги реши проблемите. Оставете битката за мнозинство во Собрание. Направете барем еднаш мнозинство од 120 пратеници. Еве на оваа тема. Еве за овие наши луѓе. Еве ајде еднаш заедно. Немојте лидерски средби, немојте лажни процедури и дефектни деловници.
Дајте државата нека им помогне на нашите луѓе.
фото: Правен факултет
Може да ве интересира:
„Тоа што го твориме во овој век ќе го обликува и наредниот“: Савче Ѓошева „За изгубените вредности“