До шест години не сакал да плива, а денес освојува маратони: Интервју со 14 – годишниот Андреј Крстевски
Андреј Крстевски е 14 – годишно момче, кое од септември ќе биде деветто одделение. Учи во основното училиште „Тихомир Милошевски“ во Скопје. Иако до шест години не знаел и не сакал да научи да плива, Андреј денес освојува високи места на многу маратони, како во нашата државата, така и надвор од неа.
Има свој идол, но и свои планови. Истите ги откри за Хаштаг, а она што е особено интересно за овој млад спортист е тоа што повеќе им се радува на наградите освоени во нашата држава.
#На колку години започна да се занимаваш со пливањето?
Со пливање почнав да се занимавам од шест години и оттогаш редовно тренирам веќе осум години.
#Кој ти ја пренесе љубовта кон овој спорт? Има ли некој во твоето семејството кој се занимава со овој спорт?
Никој во моето семејство не се занимава со овој спорт, а љубовта кон пливањето се роди одеднаш затоа што до шест години воопшто не сакав ни да научам да пливам.
#Која дисциплина ти е омилена, кога е во прашање пливањето?
Моја омилена дисциплина е градното пливање .Тоа е стил на пливање којшто најтешко се совладува технички и е моја основна дисциплина покрај краулот.
#Досега имаш учествувано на многу натпревари и имаш освоено многу награди. Кои успеси и натпреварувања можеш да ги издвоиш?
Имам учествувано на различни натпреварувања,државни или меѓународни,но некако најдраги ми се маратоните на коишто почнав да се натпреварувам во 2018 год., а на охридскиот маратон 2019 год. (2,5 км) освоив Iместо. Истата година учествував и на мавровскиот маратон (3 км) каде што го освоив IIместо. Иако имам многу драги спомени и освоени медали и дипломи на натпревари во Македонија, но и во Ниш, Лесковац, Софија, Белград, Јагодина, Крушевац и др.
#Кој е твој идол кога е овој спорт во прашање?
Мој најголем идол отсекогаш ми бил Адам Пити иако ги сакам исто така и Мајкл Фелпс и Коди Милер.
#Како успеваше да ја одржиш кондицијата за време на карантинот?
За одржување на кондицијата возев велосипед и трчав покрај кејот на Вардар, но секако внимавав и на исхраната.
#Што ти беше најчудно кога повторно му се врати на плавањето?
Најчудно ми беше тоа што мораше сите да држиме растојание во вода и надвор од неа додека се подготвувавме и што бевме сите со маски.
#Каде се гледаш за 10 години?
Јас себеси за 10 години се гледам како професионален тренер во мојот клуб „Орион“, бидејќи го сакам пливањето и би сакал да работам со деца и да ги научам да пливаат и да го засакаат овој спорт исто како мене.
И. Мисајловска