Досега немаме регистрирани случаи на заболени ученици: Сибиновски, директорот на ПТТ за одржувањето на практичната настава
Иако минатата година, образовниот процес заврши со следење на настава од далечина и овогодишната учебна година започна на истиот начин, сепак училиштата се уште привикнуваат на новото нормално. Во некои училишта недостасува ИТ опрема, во некои недостасува Интернет конекција, во некои пак повеќе ученици ги немаат потребните уреди за следење на онлајн настава, но на крајот од денот сите се трудат да се изброат со овој предизвик.
Како средно училиште во кое се изучуваат стручни предмети и каде што практичната настава е неминовна, СУГС „Владо Тасевски“ одговорно одговори на овој предизвик. Сите ученици ја следат редовната настава, но исто така и онаа практичната. За беспрекорната организација најзадолжен е директорот на училиштето, Александар Сибиновски, кој за Хаштаг откри како ова училиште одговори на новата училишна реалност и како им успева да ја реализираат практичната настава, без ниту еден заболен ученик или професор.
# Вашето училиште е едно од оние училишта во кои учениците практичната настава ќе ја реализираат со физичко присуство. Помина речиси еден месец од стартот на учебната година, па може ли да ни кажете како се одвива овој вид настава во оваа ситуација?
Како средно стручно училиште кое образува кадри од електротехничка, машинска и сообраќајна струка ние сме обврзани дел од наставниот процес (часовите по практична настава) да ги реализираме со физичко присуство на учениците. Помина речиси еден месец од почетокот на наставата и сега засега наставата се реализира безпрекорно. Ние како училиште се погриживме да обезбедиме услови за безбедно присуство на учениците во училиштето, а тимот наставници кои ги реализираат часовите по практична настава се грижат за спроведување на протоколите и мерките за заштита. Досега немаме регистрирани случаи на заболени ученици и искрено се надеваме дека тој тренд ќе продолжи и понатаму и дека почитувањето на мерките за претпазливост ќе овозможи непречена реализација на овој сегмент од наставниот процес. Сепак, мора да потенцирам дека сме подготвени за навремена и соодветна реакција во случај некој од вработените или учениците да покаже знаци на инфекција, сè со цел ризикот да биде помал.
# Како училиште, што преземавте за да ги заштитите учениците и професорите?
Следејќи ги препораките на надлежните институции, ние направивме план за безбедно физичко присуство на учениците во училиштето. За влез и излез на учениците во училиштето се ставени на располагање и главните и помошните влезови во училиштето, со цел да се спречи поголем број ученици да се сконцентрираат на едно место, со точно обележани насоки за движење. На почетокот на наставата, наставниците по практична настава и дежурните наставници ја контролираат температурата на учениците, внимаваат на тоа секој ученик да носи заштитна маска и да ги дезинфицира рацете, а потоа ги пропуштаат учениците во училниците кои се предвидени за реализација на практична настава (во секоја училница по една група ученици). Притоа, практичната настава по трите струки се реализира во посебни делови од училиштето (со посебен влез и излез). Во училниците, учениците седат на пропишано растојание и задолжително носат маски. Процедурата за дезинфекција се повторува и по големиот одмор, а дежурните наставници спречуваат групирање на учениците во училишниот двор. За време на паузите меѓу часовите се врши проветрување на училниците. Согласно упатствата, обезбедивме и соба за изолација за ученици кои ќе пројават некој симптом во време кога се во училиште.
# Бидејќи поголемиот број ученици се малолетни и родителите одлучуваат за нив, имаше ли отпор од некои родители? Дали некои од нив не им дозволуваат на своите деца да посетуваат настава со физичко присуство?
Досега не сме имале случај на поплаки или негодување на родителите поради начинот на кој се реализираат часовите по практична настава и до нас не стасало ниту едно барање за изземање на ученици од часовите кои според природата на предметот бараат физичко присуство и активност на учениците.
# Како ќе се оценуваат оние ученици кои нема да доаѓаат на настава? Имате ли алтернатива?
Практичната настава подразбира различни активности на учениците со користење мерни инструменти и уреди, соодветна апаратура, машини и соодветно опремен простор за работа (лаборатории и работилници), така што предвидените задачи не можат да се реализираат во домашни услови. Оттаму, сè додека епидемиолошката ситуација овозможува физичко присуство на учениците на часовите по практична настава, оценувањето ќе се врши на начин и постапки како во редовната настава. Секако, ние имаме и план Б и сме подготвени за соодветен одговор и доколку ситуацијата се влоши, па учениците мора и овие предмети да ги следат од далечина, но искрено се надеваме дека овој начин на контролирано присуство на учениците со најстрого почитување на протоколите за работа ќе биде безбеден начин за реализирање на предвидените содржини.
# Споделивте фотографии од опремените училници од каде што професорите ги одржуваат онлајн часовите и можеби сте едно од неколку училишта кои обезбедија соодветни услови за непречено одвивање на наставата. Но, имате ли информација за тоа дали сите ученици имаат услови да ја следат онлајн наставата? Преземавте ли нешто за оние ученици кои не се во можност да си обезбедат уред?
Училиштето е опремено за непречено изведување на наставата во две смени. Имаме оптимален интернет и соодветна IT опрема во сите училници и кабинети и досега нема никакви проблеми со онлајн наставата. Нашите ученици имаат предмети кои се сведуваат на решавање задачи и за тие предмети се користат smart табли. Преку класните раководители добивме информации за тоа дали и колку ученици во сите класови располагаат со неопходната опрема за следење на наставата. За оние ученици кои немаат соодветен уред или кои се во фаза на набавка понудивме помош во опрема што ја имамена располагање и веќе дистрибуирана онаму каде што имаше потреба. Тоа се наши ученици и наша должност како училиште е да направиме сè за што побезболно да се справат со проблемите и барањата што ги наметна новиот начин на работа. Исто така, во нашето училиште има и деца со посебни потреби, за кои овој начин на работа е уште поголем предизвик. Кај нив поголем проблем е недостигот на социјално опкружување, отколку опремата со која располагаат. Со нив и со нивните родители работат училишниот дефектолог и Педагошката служба, несебично залагајќи се да го надоместат она што им недостига и помагајќи им во извршувањето на поставените задачи и во обезбедувањето на потребниот материјал во соработка со предметните наставници.
# Колку учениците од вашето училиште се активни на онлајн часовите? Имате ли поплаки од страна на професорите?
Според она што го добивам како повратна информација од колегите, учениците се редовни на часовите и полека, но сигурно го прифаќаат новиот начин на работа, сфаќајќи дека - и како наставници и како општество - правиме сè што можеме за да одговориме на предизвикот и да понудиме решение кое нема да оди на штета на постигнувањето на наставните цели и обезбедувањето квалитетно образование. Колегите одговорно ги извршуваат своите работни обврски, несебично ги споделуваат своите искуства и прават сè што е во нивна моќ за учениците полесно и подобро да го совладаат материјалот и да ги стекнат потребните знаења. Притоа, не забораваат на она што е многу важен сегмент на образовната работа – воспитната компонента. Свесни дека дел од учениците тешко ја доживуваат оваа состојба, дека се исплашени за себе и за своите најблиски, колегите разговараат за сите проблеми, обидувајќи се да помогнат и да ги охрабрат оние кои тешко се соочуваат со новиот начин на живеење. Јас искрено верувам дека од сево ова ќе излеземе посилни и дека ова ќе нè научи уште повеќе да се цениме и почитуваме меѓу себе и дека нашите ученици сега во вистинска смисла ќе ја сфатат суштината на зборовите дека училиштето е нивниот втор дом.
# Како за крај, колкава е одговорноста да се биде директор на училиште во една ваква ситуација? Дали пандемијата Ви ја отежна работата?
Одговорноста е голема, но не поради наметнатите обврски и потребата од постојана комуникација и споделување на секоја информација, туку поради желбата да направиме сè за да се справиме со новата училишна реалност. Најважно од сè е да останеме здрави – и ние и учениците - и да им помогнеме и да ги поддржиме оние кои, лично или во кругот на семејството, ќе се соочат со болеста. По природа сум човек со позитивна мисла и сметам дека нема проблем што не може да се реши ако покрај себе имаш тим кој е посветен на она што го работи. Јас верувам во моите колеги и заеднички и посветено, како и секогаш, работиме на решавање на секоја нова и непредвидена ситуација. Во целава оваа ситуација најтешко ми паѓа невообичаената тишина во училиштето и празните училници (со исклучок на кабинетите за практична настава). Да се надеваме дека наскоро ќе се вратиме во нормала и дека нашите деца повторно ќе седнат во училишните клупи, а ние ќе се вратиме на оној терен каде што сме најсигурни – меѓу нашите ученици. Технологијата несомнено ќе ни помогне да ја надминеме оваа наметната состојба, но таа не може да ја замени суштината на училишниот живот – директната комуникација и споделување на знаењата и искуствата со нашите ученици.
И. Мисајловска