Духот и културата на Скопје преку лекцијата “Skopje Remixed“ од 1 јули на Gley
9 приказни, 10 режисери, 1 град. Филмот кој го ремиксува Скопје, преку неговата уникатност, култура и музика “Skopje Remixed“ достапен на првата македонска стриминг платформа.
Јубилејно, после една декада од неговата премиера, Gley ја навраќа македонската публика на еден “култен производ“ и посебноста на урбаното Скопје.
Дали нешто се променило во овие 10 години? Напредува ли културното живеење во главниот град? Созрева ли андерграунд уметничка сцена или се во сенка на кичот? Може ли да се направи разлика и дали воопшто ја има?
,,Skopje Remixed“ е музичко- филмски омнибус од 9 кратки филмови во режија на Борјан Зафировски, Даријан Пејовски, Огнен Димитровски, Срѓан Јаниќијевиќ, Ѓорче Ставрески, Саша Станишиќ, Вардан Тозија, Синиша Евтимов, Јане Алтипармаков и Бојан Трифуновски.
Главна движечка сила на овој филм е неуништливиот дух на Скопје. Негови граѓани се своевидни суперхерои кои наспроти сите ограничувања тие секогаш успеваат да изнајдат начин да се забавуваат, да се вљубуваат, да искусат малку радост и среќа и да ја изиграат тмурната реалност што постојано им ја наметнуваат светските збиднувања.
Преку овие приказни во 142 минути се прикажуваат убавите и модерни страни на Скопје, зачинети со легенди кои му даваат посебност на овој град.
„Не е толку важно што се гради на градскиот плоштад, туку важно е што се гради во нашите души, што се пишува во нашите книги, што се снима во филмовите и какви песни се пишуваат“. Тоа е идејата на филмот, ќе рече Борјан Зафировски во изјава за медиумите пред премерата на ,,Skopje Remixed“.
,,Skopje Remixed“ ја надополнува базата на Gley, на чија платформа може да се најдат уште дваесетина македонски филмови и серии.