Еден онлајн час: Мирјана Кирова посочи како се одвива образованието за време на корона
Мирјана Кирова е талентирана тинејџерка од Просениково, Струмичко. Таа е ученик во СОУУД „Димитар Влахов“. Како што ни откри во едно интервју има една огромна желба, а тоа е да стане психијатар.
Вљубеник е во литературата, танцува, има освоено многу награди и е активна на повеќе полиња, а се испроба и како сценарист и режисер. Но, овој пат со друга причина е дел од нашиот портал.
Имено, таа започна една интерсна акција на Инстаграм. Имено, Мирјана започна да споделува видеа со уметничко читање. Помеѓу тие видеа се појави и едно навистина интересно, кое секако беше доволна причина за да ја побараме.
Во тоа видео за кое зборуваме, Мирјана го опишува денот на ученик за време онлајн наставата. Идејата за да сними вакво видео се појавила природно, од разговори со своите соученици, познаници, пријатели.
„Факт е дека менталното здравје не е многу дискутабилна тема на нашите простори, ова е главната причина зошто решив јавно да зборувам на темава. Втора причина е загрижувачките разговори со моите познаници и пријатели во кои тие споделуваа колку им е тешко да успеат да стекнат знаење во вакви услови и поплаките дека како што напоменав во видеото сите се стекнавме со „непостоечка телесна благосостојба“.“ - посочи оваа тинејџерка.
Дека ова видео од добро прифатено од публиката и дека истото наиде на позитивни коментари, добар доказ се бројките кои ни ги посочи Мирјана.
„Видеото публиката го прифати многу добро, поминаа само неколку денови од кога е објавено а веќе има над 1500 споделувања и околу 1000 лајкови, што е релативно многу за страница со околу 600 следбеници.“
Иако првичната цел кога започнала да споделува видеа била да се држи до уметничкото читања, но барањата кои пристигнувале до неа за да се изјасни нешто за темата образование ја поттикнале на овој чекор.
„За во иднина, секако, ќе продолжам со уметничко читање, но кога ќе се даде идеја за некој ваков проблем или ситуација, таа ќе биде прифатена и разработена.“ - истакна Мирјана, а потоа додаде:
„Како личност која со своите седумнаесет години се сретнала со многу потешкотии, ги разбирам луѓето кои имаат потреба да бидат ислушани и утешени, па макар да се работи само за едно „Се ќе биде во ред.“ Ова е причината зошто на крајот од видеото велам дека секој, во секој момент, може да ме исконтактира доколку му треба да биде ислушан или евентуално посоветуван.“
Оваа 17 - годишна девојка испрати и апел, кој доколку го почитуваме, можеби многу полесно ќе излеземе на крај со ситуацијата во која сите се наоѓаме.
„Тешко време е за сите нас и никогаш не знаеме кој со какви „демони“ се справува во четири ѕида. Бидете добри кон секого. Би кажала една насмевка може да поправи нечиј ден, но поради маските за заштита ова не би било изводливо. Наместо тоа упатете кон секого топол поглед во ладново време.“ - заврши Мирјана.
И.М.