Експерт даде објаснување: Што значи оскаровската 10-годишна забрана за Вил Смит?
Вил Смит не може да присуствува на церемонијата на доделувањето на Оскарите во наредните десет години, но според правилата на доделување и понатаму може да заработи номинации за оваа награда, а може дури и да победи.
Управниот одбор на Академијата на филмски уметности и науки во петокот одлучи да го санкционира Смит поради неговото однесување на овогодинешната церемонија, која се одржа на 27 март, кога излезе на сцената и го удри Крис Рок во лице.
Според писмото кое го испратија претседателот на Академијата Дејвид Рубин и извршната директорка Давн Хадсон, Академијата одлучила „во период од 10 години од 8 април 2022 година, на Вил Смит да не му биде дозволено да присуствува на било каков настан или програма на Академијата, лично или виртуелно, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на Оскарите“.
„Оваа акција која денес ја преземаме како одговор на однесувањето на Вил Смит е чекор кон ширење на целта за заштита на безбедноста на нашите изведувачи и гости и враќање на довербата на Академијата. Исто така се надеваме дека со ова може да почне време на опоравување и обновување за сите вклучени и погодени“ - се наведува во писмото.
Дејвид Каргер, водител на телевизијата „Turner Classic Movies“ и ескперт за забава, објасни што значи забраната на Смит.
„Казната на Вил Смит не е толку строга како доживотна забрана на доделување на Оскарите, но и понатаму е висока цена за него. Тој и понатаму има право да биде номиниран за Оскар, како и секој кој работи на проектот во кој тој глуми. Но, се сомневам дека во блиска иднина ќе се слушне неговото име помеѓу кандидатите“ - наведе Каргер за „People“.
Вил Смти по целиот настан се извини, како на Академијата, така и на Крис Рок, кој доби шлаканица поради невкусната шега која ја упати до сопругата на Смит, Џејда Пинкет Смит, која боледува од алопеција.