
Емотивно поетско-музичко враќање на Никола Маџиров дома со големата книга „Шестарот на времето“
По светскиот успех, многуте признанија и настапи на најголемите поетски фестивали, соработка со познати интернационални музичари и уметници, врвниот македонски поет Никола Маџиров се „врати дома“. На раскошен поетско-музички настан, во преполниот простор на „Литература.мк“, во „Дајмонд мол“, вчеравечер (13 јуни), македонските книжевници, музичари, актери и уметници од повеќе генерации, му оддадоа почит на Маџиров, интерпретирајќи негови стихови. На оваа емотивна и вонвременска вечер, со концепт што првпат се применува во нашата земја, беше одбележано објавувањето на големата поетска книга со целокупното поетско творештво на Маџиров – „Шестарот на времето“, која е во издание на „Арс Ламина“. Истовремено овој настан претставува едно комплетно „враќање дома“ на неговиот успех расеан насекаде во светот.
– Ви благодарам што ми дадовте дом. Благодарам за сите гласови што ги отелотворивте. Повеќегласовноста понекогаш ја чувствуваме како внатрешна неволја, но вие со вашите гласови ме вдомивте. Денеска се чувствувам како вратен дома, обединет со вас, со вашите гласови и вашето присуство. Благодарам што ме убедивте да се реализира оваа книга, на најубав можен начин – со љубов! Благодарност до уредничката Оливера Ќорвезироска, до авторката на поговорот Лидија Капушевска-Дракулевска и на издавачката куќа „Арс Ламина“. Зборот благодарам нека не исчезне, без оглед на тоа што толку многу се повторува, затоа ја избрав да ја прочитам песната „Дом“ – рече Маџиров.
– Книгата „Шестарот на времето“, која е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, покрај трите негови веќе култни поетски збирки без кои тешко може да се замисли поезијата на нашето време („Преместен камен“, „Некаде никаде“ и „Заклучени во градот“), наградувани дома и во светот, ексклузивно содржи десет нови песни (досега необјавени во книга) и првата песна што ја напишал Маџиров. Изданието има ретрограден концепт, се почнува од „крајот“ (од денес, сега и овде) и се оди наназад сè до почетокот, всушност до првата песна на Маџиров напишана во 1989 година, која првпат се објавува пред јавноста како уште еден ексклузивитет на ова издание. Поезијата на Маџиров е пеена, музицирана и славена низ светот со најпознати музичари, групи и џез-оркестри од нашето време – рече Ќорвезироска.
Книгата е со поговор од Лидија Капушевска-Дракулевска и обемен додаток во кој првпат на едно место се објавуваат извадоци од домашната и од светската критика за Маџиров: од десетина македонски автори и истакнати критичари (Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Елизабета Шелева, Венко Андоновски, Гоце Смилевски...), дваесетина светски елитни имиња (Чарлс Симиќ, Адам Загајевски, Каролин Форше, Уљана Волф, Јасухиро Јоцумото, Георги Господинов...), како и извадоци од рецензии објавени во најреномираните весници и списанија во светот („Шпигел“, „Ел Паис“, „Ворлд литаратур тудеј“, „Тотенвил ривју“, Би-би-си...).
– Несомнено, како и Шопов пред него, Никола Маџиров е еден од ретките поети посветени на поезијата со целото свое битие. И тој „поетски домува во овој свет“, како што би рекол германскиот романтичар Фридрих Хелдерлин, и тој толку несебично, искрено и безрезервно му се препушта на поетскиот порив, зашто знае дека „само во поезијата може да биде дома и дека само во сомнежот може да биде безбеден“, како што ќе изјави во една пригода. Неговата дефиниција за поетот, пак, гласи: „Човекот е 70% вода. Ако се возвиши, ќе се претвори во пареа. Ако ги отвори очите кон болката на светот – во поет!“ Маџиров има „ширум отворени очи“ за сета вина на земјата (како што се вели во песната „Патеки на оствареното“), но и за актуелните проблеми на човештвото; со своето перо поетот ги бележи сите рани и лузни на ужасот на светот што ги премолчува историјата... За Маџиров, добрата поезија е вдомена во јазикот, но распрсната во времето. Оттаму, мотивското стожерно јадро околу кое, генерално, гравитираат неговите стихови е домот и неговите различни лица: дом кој се напушта, дом од кој се бега, дом надвор од просторот, дом во меѓупросторот, дом – каде било, дом – секогаш привремен, дом во кој се враќа (макар и преку сеќавањето), дом – цел свет, во стилот на еден Рацин – вели Лидија Капушевска-Дракулевска во поговорот на „Шестарот на времето“.
ПР објава