Есенската математичка школа: За сите ученици од основните и средните училишта
Сојузот на математичари на Македонија ја организира Есенската математичка школа 2019 наменета за учениците од основните и средните училишта од целата држава.
Во организација на Сојузот на математичари на Македонија, секоја сабота во октомври и во првата половина од ноември 2019 година на Природно-математичкиот факултет во Скопје ќе се одржува Есенската математичка школа 2019. Таа е наменета за ученици од 4 одделение основно образование до 4 година средно образование. Со секоја возрасна група е предвидено да се работат по две теми, со вкупно 20 часа предавања, а по предавањата, предвиден е и завршен тест. Изборот на темите е приспособен на возраста на учениците, дел од темите ја надополнуваат, а дел од темите излегуваат од рамките на редовната настава по математика во училиштата. Предавачи на Школата се универзитетски професори и истакнати наставници по математика.
„Со овој наш мал придонес во полето на популаризацијатана математиката сакаме да им овозможиме на учениците, коишто ја сакаат математиката, да имаат една можност повеќе и поквалитетно да се дружат со неа, но и со врсниците со коишто делат заеднички интереси“, изјавуваат од Сојузот на математичари на Македонија.
Школата е отворена за секој ученик кој ја сака математиката и сака да ги утврди, продлабочи и прошири математичките знаења и вештини. Пријавувањето е во тек. Повеќе информации за начинот на пријавување, темите и термините на предавањата на следниот линк.
Поддржувачи на Есенската математичка школа 2019 се: Просветно дело –Скопје, Природно-математичкиот факултет, Педагошкиот факултет, Факултетот за електротехника и информациски технологии и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, сите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
„Секогаш работиме во насока на развој и поддршка на наставниот процес така што нашата поддршка ја насочуваме кон развојот на математиката во нашата држава и кон мотивацијата на учениците и наставниците“, изјавија од издавачката куќа Просветно дело.