Глумев во „Стела“ со скршена нога: Интервју со Петар Маниќ

Глумев во „Стела“ со скршена нога: Интервју со Петар Маниќ

Објавена во: Stars // Интервјуа

Неговата приватна приказна на среќа е сосема различна од онаа на Никола, главниот лик на првиот домашен долгометражен детски филм „Стела“, дете кое трпи булинг од врсниците и родители кои не се согласуваат. Петар Маниќ со своите 14 години ја имаше среќата да ја добие главната улога во филмот. Петар ја сака глумата од мал, а почнал правејќи им претстави на пријателите и на соседите на плажа, близу до семејната куќа во Црна Гора. Најпознатиот сосед на Петар во Црна Гора е српскиот актер и продуцент Милорад Капор, кој има глумено споредна улога во еден дел од серијалот на легендарните филмови за Џемс Бонд, „Skyfall“. Поради него, тој посакал да стане актер. Одличен ученик е во деветто одделение во ООУ „Кочо Рацин“, гитарист и пливач со многу награди. Освен што со љубов глуми и ужива додека свири гитара, Петар вели дека секој слободен момент го користи за пливање, а во вода е свој и среќен. За „Хаштаг“, младиот глумец раскажа интересни детали од снимањето на „Стела“ и свои лични приказни.   

# Раскажи ни како дојде до главната улога во филмот Стела, имаш ли глумено некаде пред снимањето на филмот? 

Пред да започнам со снимањето за филмот „Стела“ претходно имам глумено во кратки филмови со „Даста академија“ , („Ама јас те сакам“, „Кривец“ , „Кукачот“). Загорка Поп - Антоска Андовска, мојата наставничка по глума го најде кастингот за „Стела“, ми го спомна и си реков: „Ајде да го пробам и тоа“. Кога дојдов првпат бев многу возбуден, затоа што не знаев како ќе е, што ќе се прави. По извесно време ми се јавија повторно и рекоа дека сум влегол во следниот круг, а по неколку круга рекоа дека јас ќе го глумам ликот на Никола.

Кога бев помал, мислев дека актерите плаќаат за да глумат и си викав дека не сакам да плаќам за тоа што многу ми се допаѓа, но кога дознав дека актерите ги плаќаат си реков: „Ова е тоа, нема друго.” Кога почнав со глума во „Даста академија“ почнував да сфаќам дека станувам сè подобар и подобар во глумата.

# Како течеше снимањето на „Стела“, која случка никогаш нема да ја заборавиш? 

Снимањето во текот на целиот филм како доживување беше супер. Сите сложно работевме и јас како првпат на долгометражен филм солидно се снаоѓав за сè. Случката која нема да ја забораам во сето ова е дека слободниот ден после снимањето во Галичник, јас скршив нога. Кршењето на ногата го стопираше снимањето, и режисерот и продуцентот не беа многу среќни поради тоа, и затоа ми најдоа дублер којшто ме заменуваше во одење и во трчање, а јас си ја глумев. Сакам да се заблагодарам на сите од екипата што имаа трпение и што ми помагаа, и иако бев со скршена нога, многу ми значеше, уште ми значи и уште ќе ми значи.

# Главниот лик во филмот Никола, е дете кое расне со родители кои не се согласуваат и е малтретиран и несфатен од своите врсници. Познаваш ли твои врсници со слична приказна како на Никола? 

Колку што знам, никој од моите другари и познаници до сега нема стасано до степенот на Никола. Но, тоа не значи дека булингот во Македонија не е претеран кај мојата генерација. (И општо кај сите).

# Што научи од поискусните партнери во филмот: Христина Поповиќ, Тони Мијаловски, Дејан Лилиќ и Мони Дамевски?   

Можам да кажам дека од Тони, Мони, Дејан и Христина научив работи што многу ќе ми значат за понатаму во животот.

Твојот дедо е познатиот пејач Томислав Маниќ, што ти рече тој на премиерата, кој е најкорисниот совет што ти го дал? 

Пред да почне и кога заврши премиерата дедо ми ми рече:  „Прави го тоа што те прави среќен, без разлика што другите мислат”, и тој совет секогаш ќе си го користам, кога ќе има негативни критики за работите што сакам да ги правам.

Долги години свириш гитара, сум те гледала како дел од бендовите на завршните концерти на рокенрол музичкото училиште „Ентерпрајс“.  Дали си и сега музички активен? 

И претходно, и сè уште сум музички активен. Свирам гитара и во слободно време си пеам. Музиката секогаш ќе биде дел од мене, затоа што без музика животот не е ист. 

# Каде учиш, дали си подготвен за новата учебна година на онлајн начин? 

Учам во ООУ „Кочо Рацин“ и искрено не знам како ќе се одвива сето ова со онлајн учењето, и кој како ќе учи - работи. Меѓутоа, јас како одговорен ученик ќе учам сè што треба, затоа што тоа го правам за себеси, а не за другите.

# Имаш освоено и многу медаљи по пливање. Пливаш ли сè уште, и што те прави среќен во слободно време, кога не учиш? 

Во слободно време сакам да сум само во вода кога можам. Во вода се чувствувам како цел, бесот или стресот, сè излегува од мене и се чувствувам слободно. Но кога нема пливање едноставно сакам да свирам или да излегувам надвор со друштво, „Having fun”. 

Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: