Голманот Никола Митревски нѐ води во Порто: Градот е убав, секој кој има можност би му препорачал да го посети

Голманот Никола Митревски нѐ води во Порто: Градот е убав, секој кој има можност би му препорачал да го посети

Објавена во: Совети // Семејство

На голот е вистински „ѕвер“. Со неговите одбрани во македонската ракометна репрезентација и во клубот Порто, понекогаш ве остава без здив, а во воздухот постојано ви лебди прашањето „ дали е можно“. Но, со Никола Митревски на голот, се е можно, особено во клучните мигови на најзначајните натпревари. Важи за еден од најдобрите голмани во Европа.

Приватно, ќе ве освои со својата смиреност и скромност.

Беше дел од тимот на Металург, Бенфика, и ХЦД СУД Констанца. Сега ги брани боите на Порто.

* Португалија како егзотична земја е една од најпосакуваните дестинации за туристите. Како ја доживевте кога првпат ја посетивте и по кој повод?

- Португалија од секогаш ми била интересна земја, пред сѐ поради нивниот фудбал и големите фудбалски ѕвезди.Но, првпат во Португалија и во Порто, бев на ракометен натпревар, во сезоната 2010/2011, со екипата на Металург, игравме квалификации за пласман во Лигата на шампиони и тоа против сегашниот мој клуб Порто.И уште еден куриозитет, тогаш бевме сместени во хотел кој се наоѓа на истата улица, каде што сум сега.

* Кога игравте за Бенфика две години живеевте во Лисабон. Сега, како дел од ракометниот клуб Порто, живеете во градот со истото име. Колку се разликува животот во двата најголеми градови во земјата?

- За мене, како некој којшто е со фамилија, немам некој впечаток дека се многу различни, туку напротив многу ми се идентични. Луѓето се опуштени, сакаат добра храна и вино, сакаат и знаат да уживаат во животот. Инаку Лисабон е поголем, зафаќа поголема ареа и треба повеќе време за да се стигне од едно на друго место, има повеќе метеж, па сега ми е полесно за функционирање во Порто.

* Каде е посебноста на Порто, кои се неговите убавини?

- Порто како град има долга историја, многу катедрали, архитектура, секоја поврзана со некој период од историјата. Потоа реката Доуро, која ги дели Порто и Вила Нова де Гаиа, низ чија должина се распоредени виновите лози, од кои се прави познатото Вињо де Порто. Исто така може да се крстари по реката, да се посетат некои од винариите, да се проба свежа морска риба.

* Како би ги опишале луѓето, начинот на живот, традицијата? Се навикнавте ли брзо на новата средина?

- Луѓето се доста гостопримливи, сакаат да помогнат на странци и туристи. Велат дека луѓето од северот на Португалија се потопли отколку тие на југот. Иако пристигнавме во екот на Короната, не ни требаше воопшто време за навикнување на новата средина, бидејќи јазикот и културата веќе ги познававме.Градот е убав,секој кој има можност би му препорачал да го посети, па едноставно уживавме во неговите убавини уште од првиот ден кога пристигнавме

* Кога сфативте дека одлуката да дојдете во ракометниот клуб Порто е најдобриот чекор во кариерата и зошто?

 - Одлучив да дојдам тука и се воспостави дека воопшто не погрешив, туку излезе дека сум го направил најдобриот избор, бидејќи имам можност да уживам и на теренот и надвор од него. Резултатски имам добри настапи, индивидуално и тимски, освоивме две првенства со ред, а и добро играме во Лигата на шампиони.

* Фудбалот и Роналдо се синоним за Португалија. Дали и ракометот ужива голема популарност кај народот?

 - Фудбалот е друг свет тука, ништо друго не се споредува со фудбалот, кога игра Порто.Тоа е забава цел ден, секој нивни настап е целодневен спектакл. Ракометот, како и кошарката и футсалот се далеку под фудбалот, но секогаш кога играме дерби натпревари и натпревари од Лигата на шампионите салата е исполнета скоро до последно место и имаме одлична поддршка.

* Спортистот ретко има слободни мигови, но кога ќе ги најдете, како го поминувате времето? Каде најчесто шетате со семејството?

- Секогаш задолжена за избор на место за шетање е сопругата. Најчесто шетаме покрај плажа, во некој од парковите или попладне покрај реката.

* Имате ли свој круг на пријатели и кои се тие? Се случува ли со сопругата и со нив да се опуштите со чаша Порто и познатиот сендвич franceschina?

- Нормално дека имаме пријатели. Многу ретко јадеме francesinha бидејќи е многу калорична, со оглед на тоа што имаме тренинзи и доста натпревари, избегнуваме таква храна. Додека за чаша вино де Порто, знае да се случи да го завршиме оброкот со чаша вино. Да го завршиме, бидејќи се пие на крајот од оброкот.

* Како семејството, сопругата, децата се вклопија во Португалија? Научивте ли да го зборувате нивниот јазик?

- Мислам дека супер се вклопија. Децата одат во училиште, не на англиски јазик, туку учат на португалски и го зборуваат одлично јазикот. Со моите обврски,  сопругата е таа која се грижи за сите нас да не ни недостасува ништо. Така што таа е најзаслужна за успесите коишто ги постигнуваме, јас и децата во училиште. Како што кажав, децата научија во школо португалски јазик, а јас и сопругата знаевме од претходно.

* Кои се придобивките од животот во Порто? Колку овој град нуди квалитетен живот за најмладите? 

- Па можам да кажам дека Порто нуди доста квалитетен живот за сите, и за млади и за стари. Има доста забавни паркови за деца, културни настани, мирен и опуштен живот. Со самото тоа што е на Атланскиот океан му дава поинаков шмек на градот и животот во него.

* Клучен играч сте во битните мигови и за победата на македонската репрезентација и за Порто. Дали сте сега во најголемата форма?

- Не знам што би кажал, ако луѓето велат така, тогаш можеби сум во најголема форма., Но, според мене, секогаш се трудам,  да го давам најдоброто и го правам нештото најдобро што знам и умеам.

*СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА


Објавена во: Совети // Семејство

Можеби ќе ве интересира: