Хрватска оди чекор напред: Бесплатни влошки во училиштата за ученичките кои имаат менструација
И ова се случи - светот оди напред...
Иако засега само едно училиште ја започнало оваа акција, истото сигурно ќе биде пример и за останатите. На многумина купувањето на влошки и тампони им е скапо, бидејќи цените не се мали, а сиромаштијата во Хрватска на сите им е многу добро позната пишува „teen385.dnevnik.hr“.
Минатата година Шкотска донесе закон кој е револуционерен, но всушност треба да биде нормален. Со него, сите жени имаат право на бесплатни средства за хигиена во менструалниот циклус од минатата година. Прашањето е дали вакво нешто некогаш ќе оживее и на Балканот, но едно средно училиште во Хрватска реши да им помогне на девојчињата, барем на оние што се дел од него. Училиштето кое е лоцирано во Вараждин покрена иницијатива за дистрибуција на бесплатни влошки и тампони за ученичките во своето училиште.
„Иницијативата на Шкотска ме импресионираше и ме охрабри да размислувам што можеме да сториме на ниво на училиште. И најмалку што можеме да направиме е да им обезбедиме на учениците хигиенски влошки и тампони за време на нивниот престој во училиште“ - посочува Сњежана Клариќ, директор на училиштето за „varaždinski.net“.
Со тоа, секоја девојка во училиште може да земе влошка или тампон кога и е потребно, без никакви прашања или објаснувања. Може да земат два - три производи или дури и повеќе. Нема ограничувања. Ако заборавиле да понесат дополнителна влошка на училиште или менструацијата ги изненади, тоа нема да биде проблем. Оние чија финансиска состојба не е добра, може да си земат влошки и за дома. Неодамнешното истражување во Хрватска покажа дека секоја десетта жена не може да си ги дозволи овие потреби, а третина од нив не можат да ги купат хигиенските потреби што ги сакаат. Ова е мал чекор напред, но многу вреден.
Ќе имаат ли можност и учениците од нашата држава да го искусат ова?
фото: Thanumporn Thongkongkaew / Shutterstock