Информирај се! Секој може да биде жртва на трговија со луѓе: Онлајн кампања на РАЖМ „ЛУЛУДИ“

Информирај се! Секој може да биде жртва на трговија со луѓе: Онлајн кампања на РАЖМ „ЛУЛУДИ“

Објавена во: Совети // School zone

Во РСМ злоупотребата на деца преку присилна сексуална експлоатација, присилните бракови и трудовата експлоатација се доминанти форми на трговија со луѓе, а најголемиот број евидентирани деца жртви на трговија се женски деца на возраст од 14 до 16 години. 

Запознаени ли сте со трговијата на деца? А, воопшто со трговијата на луѓе? Знаете ли какви видови и форми на трговија со луѓе постојат? Каде може да пријавите доколку забележите нешто слично во вашето окружување? – ова се само дел од прашањата на кои би требало да имате одговор. Прашања кои се од општа важност, но и одговори на прашања кои би ви помогнале доколку вие или некој ваш близок се најде во ситуација да почувствува злоупотреба на своја кожа.

Ова е тема за која е навистина важно да се разговара, тема за која што секој млад човек треба да има познавања, но за жал е и тема која долго време е „табу“ помеѓу младите и која постојано се премолчува на некој начин.

Поради сите овие причини, Ромската асоцијација за жени и млади „ЛУЛУДИ“  започнува кампања, преку дистрибуција на социјалните мрежи (Фејсбук, Инстаграм, како и нивната веб - страница), за едукација и подигнување на свеста кај младите и општата популација, со цел препознавање на најчестите форми на трговијата со деца и девојки.Оваа кампања ќе се одвива во периодот април – мај 2021 година, а е во рамки на проектот „Сите заедно во спречување на трговијата со деца и девојки“, финансиски поддржан од Европска Унија и Советот на Европа, во рамките на заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа -Хоризонталeн инструмент за Западен Балкан и Турција“ (Horizontal facility II)  2019-2022 година.

Под слоганот „Информирај се! Секој може да биде жртва на трговија со луѓе“ и секако со ваша помош, РАЖМ „ЛУЛУДИ“ ќе се обиде да допре до секој млад човек во нашата држава. За да ја поддржите оваа кампања, која е од општа важност, сѐ што треба да направите е да ги споделите едукативните промотивни видеа, кои ги подготвија средношколците од 9 средни училишта од Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп и Штип, како и активни актери во општеството, млади лидери – промотори во спречување и превенција од трговијата со деца.

Во подготовката на промотивните видеа учество земаат ученици од различни етнички заедници од средните училишта: СОУ „Никола Штејн“ – Тетово, СОУ „Орде Чопела” – Прилеп, СОУ „Ѓорче Петров” – Прилеп, СОУ „Димитар Мирасчиев“- Штип,  СОУ „Коле Нехтенин“ - Штип, СОУ „Јане Сандански” – Штип, СУГС „Шаип Јусуф“ - Скопје, СУГС „Арсени Јовков“ – Скопје и СОУ „Перо Наков“- Куманово. Видеата ги креираа по спроведената едукација за тоа што е трговијата со луѓе, формите на трговија со деца и експлоатација, начините на идентификување, спречување и заштита.

Со поддршката на кампањата на РАЖМ „ЛУЛУДИ се придонесува младите и општата јавност да се едуцираат, но и да знаат како да ги препознаат и избегнат можните случаи на трговија со луѓе. Како крајна придобивка од оваа кампања е секако најважна - охрабрување на жртвите или нивните блиски да пријават доколку забележат злоупотреба.

„Соодветната едукација и препознавање на формите на трговија со луѓе е клучно за да знаеме како да се заштитиме, како да реагираме, како да постапиме, и како истото да го пријавиме. Истата ќе придонесе кон поголема заштита и превенирање младите да не влезат во синџирот на трговија со луѓе“ – посочуваат од организацијата.

Статистиките покажуваат дека милиони млади и деца, жени, но и мажи, секојдневно се принудуваат на проституција, питачење, слугување по куќи, и други видови на принуди. Проценето е дека на меѓународно ниво има помеѓу 20 и 40 милиони луѓе, кои се жртви на трговијата со луѓе. Според деветиот Генерален извештај на ГРЕТА, објавен март 2020 година, во Европа е забележан  тренд на зголемување на идентификувани жртви на трговија со луѓе за 44%, додека бројката на идентификувани жртви на трговија со луѓе во Европа во 2018 година била околу 15.300 лица.

„Во Македонија бројот на идентификувани жртви на трговија со луѓе во 2018 година е 9, од кои поголемиот дел се малолетни лица. Според Извештајот на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, во 2019 година во РСМ од страна на институциите се идентификувани 6 жртви на трговија со луѓе, од кои 4 се деца, од женски пол. 86 потенцијални жртви на трговија со луѓе и тоа 67 женски и 19 се машки; од кои: 62 лица под 19 години, додека 24 лица се на возраст од 19-50 години). Во РСМ злоупотребата на деца преку присилна сексуална експлоатација, присилните бракови и трудовата експлоатација се доминанти форми на трговија со луѓе, а најголемиот број евидентирани деца жртви на трговија се женски деца на возраст од 14 до 16 години.“ – истакнуваат од организацијата.

*Оваа кампања е во рамки на проектот „Сите заедно во спречување на трговијата со деца и девојки“, финансиски поддржано од Европска Унија и Советот на Европа, во рамките на заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа - Хоризонталeн инструмент за Западен Балкан и Турција“ (Horizontalfacility II) 2019-2022 година.

Активностите во рамки на проектот РАЖМ „ЛУЛУДИ“ ги спроведува во директна соработка со локалните организации: Здружение на мултиетничко општество за човекови права-Штип, Центар за ромска заедница „Дром“ од Куманово, АДРР „Сонце“ од Тетово , Рома Перспектив - Прилеп и ЗГ „Ромаверзитас“- Скопје, и со средните училишта: СОУ „Никола Штејн“ – Тетово, СОУ „Орде Чопела” – Прилеп, СОУ „Ѓорче Петров” – Прилеп, СОУ „Димитар Мирасчиев“- Штип,  СОУ „Коле Нехтенин“”- Штип, СОУ ,,Јане Сандански” – Штип, СОУ „Перо Наков“- Куманово, СОУ „Наце Буѓони“-Куманово, СУГС „Шаип Јусуф“- Скопје, и  СУГС „Арсени Јовков“ – Скопје.


Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: