Интервенцијата на желудникот ја направив од здравствени причини, докторите очекуваат да ослабам 55 килограми до јануари – Ивона Јовановиќ
Ивона Јовановиќ, пејачка со исклучителни вокални способности, работеше долго време да се прифати самата себеси таква каква што е. Девојка со прекумерна тежина. Тоа јавно го истакнуваше и на социјалните мрежи.
Во последниве години се бори со проблемот „eating disorder“ („проблеми со храната“). Вели дека време е да го тргне фокусот од својата дебелина, а луѓето повеќе да се окупираат со нејзините квалитети. На 26 август во Турција, направи интервенција на желудникот, за која бил задолжен тимот на д-р Гурдал Орен.
ЖМ: Размислувавте ли долго за одлуката да одите на операција?
- Веќе долго време се спремам да направам нешто во врска со моето здравје. Процесот на себеприфаќање трае веќе една година, затоа што тврдам дека не може да се смени ништо во животот, па ни бојата на косата сѐ дури не ја прифатиме моменталната ситуација кај нас. Работев долго време да се прифатам самата себеси таква каква што сум. Да ја носам одговорноста таква каква што сум, за да можам било што да сменам кај мене. За операцијата не размислував многу, затоа што знам дека што повеќе размислуваш толку се поголеми шансите да не ја направиш. Во принцип луѓето кои ме познаат, знаат дека една од главните одлики ми е храброста. Со ова си докажав и себеси дека сум една многу храбра девојка. Седнавме на ручек со татко ми и тој ме праша дали ми треба помош. Дали сакам било каква поддршка и можеби за првпат ме праша како сум и што е тоа што предизвикува кај мене да изгледам така и да јадам на тој начин. Имам „eating disorder“ односно проблеми со храната и јадење на емотивно ниво, дури кога желудничето не ми е гладно. Со операцијата тој проблем не го решив. Но, тоа е проблем за психолози, каде што треба да се работи на себе, а веќе подолго време работам на себеприфаќање и сега нема да ми е тешко ни да ги пренасочувам своите мисли кон тој проблем што го имам. Така што мојата одлука за оваа операција беше инстантна, брза. Побарав најдобар тим. Д-р Гурдал Орен беше тим од Турција кој е способен, најдобар. Нема збор во македонскиот јазик со којшто би го опишала целиот тој тим кој ме оперираше и работеше на мене и на мојата психа и на мојата исхрана и на сето што следува. Во овој момент сакам да им се заблагодарам најмногу на д-р Орен, на нутриционистот кој што работеше со нас, на лекарките кои што беа околу мене и се погрижија да немам ниту една минута болка, иако по операција тоа е невозможно. Но, гледаа да ги минимизираат буквално моите болки и секако успеаа во тоа.
Добив брошура со упатства за исхрана
ЖМ: Кој беше мотивот за оваа брза одлука?
- Во принцип цел живот сум полничка. Во последниве години се борам со тој проблем „eating disorder“ („проблеми со храната“) и навистина мислам дека е време, како и на самата себе, така и на другите луѓе, да го тргнам фокусот од мојата дебелина. Дојде време кога ми е здојадено да се коментира за мојот изглед и за тоа дека не сум доволно добра, слаба, дека сум премногу дебела и слично. Веќе ми е здојадено, бидејќи мислам дека имам огромен капацитет и огромен талент за да можат луѓето да си дозволат да коментираат за тоа. Пред сѐ здравствено, а потоа естетски.
ЖМ: Следува период на нов начин на исхрана. Кои препораки ги добивте?
- Добив цела книга, брошура, којашто ја следам. Првите десет дена сум на течен период после операцијата, потоа сум на кашест, потоа доаѓа меко-тврд период и целосно тврд период. Опоравувањето трае до шест месеци. Веќе на шестиот месец од операцијата ќе можам да конзумирам скоро баш сѐ што сум јадела досега. Секако во помали количини, затоа што сепак 80 проценти од мојот желудник е скратен, со тоа што е чепнат и хормонот за глад, којшто веќе не работи кај мене.
ЖМ: Дали лесно се прилагодивте на новиот начин на живот?
- Ми беше тешко, ми беше напорно, особено во моментите пред операција кога не јадев ништо и два дена по операцијата. Тое беа буквално три дена на глукоза од инфузиите. Бев во болка. Во принцип сум интолерантна на болка. Таа болка кај некои може да биде минимална, а кај мене да е многу изразена. Бев во шок од анестезијата, затоа што ми даваа лекови за болка преку инфузијата. Не можев да се разбудам долго време од анестезијата. Тоа ми беше напорно и тешко за прилагодување. Тешко ми беше да сфатам дека тоа е операција и дека едноставно не може од денес за утре сѐ да биде најнормално. Но, еве сега, на осмиот ден од операцијата, веќе можам да кажам дека сум сосема прилагодена на новиот начин на живот. Имам уште два дена од течен период и потоа се префрлуваме на кашички и буквално ќе се третираме како бебенце. Среќна сум затоа што имам нови навики и среќна сум затоа што, конечно ќе се тргне фокусот, како што кажав, од дебелината и ќе се пренасочи на оние квалитети кои ги поседувам во изобилство и се скриени поради самата неприфатлива норма на Балканот. Да бидеш дебел е грев. Не се сложувам, но ова е голема и комплексна тема, за којашто се надевам дека понатаму ќе можеме да зборуваме.
Новиот изглед ќе го презентирам во спот
ЖМ: Губењето на килограмите ќе се одвива постепено и колку очекувате да ослабете?
- Мојот тим, докторот, нутриционистот, очекуваат минус 55 килограми до јануари, а вкупно бараат од мене, односно моето тело бара од мене, за здрав BMI, да имам минус 80. Но, си сакам полничко, си сакам вишок на мене, такашто мислам дека ќе одам до минус 70 килограми. Но, да не зборуваме пред време, можеби и ќе се навикнам на послабо. Сега за сега, првата цел нека ми биде да симнувам 10 по 10 килограми. Првите 11 килограми ги симнав за осум дена и вишокот на вода. Ајде нека бидат првите 30, па 30, така. Прво нека ги нема првите 30 килограми.
ЖМ: Дали подготвувате нешто ново поврзано со музиката?
- Уште сега размислувам интензивно, барам луѓе со коишто би сакала да соработувам. Првиот момент кога тотално ќе ми се врати енергијата, ќе влезам во студио и ќе се фрлам на работа. И се надевам дека со 55 килограми минус, веќе ќе имаме реализирано видео спот со песна и искрено одвај чекам. Лично мене во музиката многу ме спречуваше дебелината. Ме спречуваше да бидам слободна на сцена, да музицирам и да правам музика. Но, после оваа операција и после симнувањето на килограмите, тоа за мене веќе нема да претставува проблем. И конечно ќе можам да ги истакнам своите адути и квалитети, кои биле скриени, за жал, поради килограмите. Пред сите оние луѓе кои имале нешто да искоментираат за мојот изглед, не е ни вредно да ги напоменеме.
ЖМ: Дали една од нив е и Јелена Карлеуша, која беше член на жири, а вие натпреварувач во „Ѕвездите на гранд“?
- Јелена Карлеушта дефинитивно не е една од нив. Таа кажа пофални зборови и за мојот стајлинг и за мојот изглед, и воопшто за целокупното мое појавување во 2018 година кога беше дел од жирито. Би додала и дека без да се прифатиш самиот себеси, не може да се направи ниту една промена. Работам една година на прифаќањето на самата себеси и можеби ова лето беше едно од оние лета во коишто можев самата со себе да уживам во сопственото тело и во сопствениот мозок.
За Женски магазин, СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА