Ива Наскова е избрана за Млад европски амбасадор: За Хаштаг открива какви предизвици ѝ носи новата функција
На почетокот на септември ве запознавме со 20-годишната Ива Наскова, студентка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Причината за тоа беше нејзината кандидатура за Млад европски амбасадор (YEA).
Тогаш во интервјуто изјави „доколку јас бидам избрана за иден Млад амбасадор ќе се обидам да го одвојам зборот Јас, и да го заменам со зборот Ние“, а сега, откако ја избраа ни открива како планира да го реализира тоа и која ќе биде нејзината стратегија.
„Eвропската Унија е идеја, простор каде што се заштитени правата на секој поединец, на секој човек. Следствено, мило ми е што ја носам титулата Млад европски амбасадор со голема одговорност. Иницијативата на млади европски амбасадори која функционира на Западен Балкан има за цел младите да запознаат и да обезбедат знаење за Европската унија на своите врсници. Во моето прво интервју за Вас изјавив дека ќе се потрудам да го одвојам зборот Јас и го заменам со Ние. Сметам дека оваа цел би се постигнала преку споделување на европските вредности и доближување на информациите за младинските можности до сите млади. За остварување на оваа цел е потреба поддршка на различностите, а самата оваа мрежа на млади европски амбасадори е вткаена во тие вредностите и верувања за што мислам дека мојата замисла многу лесно ќе прерасне во реалност.“
Како што веќе кажавме, Ива веќе е на функцијата Млад европски амбасадор, а за Хаштаг објасни што значи истата.
„Иницијативата Млади Европски Амбасадори е неполитичка, доброволна, енергична комуникациска мрежа која поврзува и гради мостови на пријателство меѓу младите луѓе од цел Западен Балкан. Младите европски амбасадори треба да влијаат, да ги поврзат и да ги инспирираат промените на Западен Балкан и Европската Унија со што ќе бидат новиот глас на младите генерации на Западен Балкан. Нашата улога е да ги претставуваме младите од нашата земја и да ги поврземе со млади луѓе од ЕУ.“
Како и секој друг амбасадор, така и Младиот европски амбасадор има цели, кои оваа студенка детално ги објасни.
„Дополнително, целите на Младите Европски Амбасадори е да разменуваат идеи, знаења и искуства, да разговараме за прашања од интерес на младите луѓе како и да споделуваме најдобри практики. Целта на мрежата е да ја подигне свеста за соработката на ЕУ со нејзините источни партнерски земји, да ги прикаже опипливите резултати од оваа соработка, да придонесе за политички дијалог на различни теми, да помогне во зголемувањето на граѓанскиот активизам и да работиме заедно за подобра иднина. Младите европски амбасадори треба да влијаат, да ги поврзат и да ги инспирираат промените во Западен Балкан и Европската Унија со што тие ќе бидат новиот глас на младите генерации на Западен Балкан. Нашата улога е да ги претставуваме младите од нашата земја и да ги поврземе со млади луѓе од ЕУ, како и да разменуваме идеи, знаења и искуства, да разговараме за прашања од интерес на младите луѓе, да споделуваме најдобри практики и да работиме заедно за подобра иднина.“
Ива, новата функција имаше што да им порача на сите млади, а една од пораките кои ги испрати е онаа да не се откажуваат од она што навистина го сакаат.
„Би додала на кратко само искрено да работат кон обликување на нивната иднина, правејќи ја светла и убава затоа што вашата светла иднина е таа што ќе го отвори патот за идниот раст на нашата земја. Вашата денешна напорна работа нема да е залудна и сигурно ќе се исплати. Негувајте ја вашата младост со трудољубивост, искреност и труд. Предизвиците со кои се соочувате во моментот утре ќе ви изгледаат мали и со текот на времето ќе станете подобри. Но, исклучително е важно да станете навистина сериозни кон вашите цели. Затоа, мојот совет за денес е да го искористат својот оптимален капацитет до крај. Без оглед на тоа како што сакате да се остварите во животот, никогаш не избегнувајте да го вложите најдоброто од себе во било што и да правите. И секако, никогаш не заборавајте дека сите вие сте важни.“
И.М.