Избрани победниците на конкурсот за дизајн на корици – „Порта Европа“

Избрани победниците на конкурсот за дизајн на корици – „Порта Европа“

Објавена во: После „Школо“ // PR

Креативните решенија на четворица млади македонски дизајнери за шест книжевни дела од европски писатели се избрани за победнички на конкурсот „Порта Европа“. На конкурсот што го распиша издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“, за најдобри се прогласени предлог-дизајните на Катерина Соколова, Ивона Јанчевска, Лара Маринковиќ и Андреј Лавчански.
На отворениот повик, кој траеше од 14 јули до 11 септември 2022 година, наменет за илустраторите и дизајнерите на возраст до 35 години, се пријавија 18 кандидати. Тие аплицираа со едно или со повеќе решенија за понудените романи.

Според дизајн на Катерина Соколова ќе бидат уредени две корици: за романот „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“ од Бјорн Расмусен и за „Лекција за месечарот“ на Фредерико Педреира. Две решенија и на 20-годишната Ивона Јанчевска ќе бидат публикувани. Станува збор за корици за романите „Почитувани бубачки и други морничави приказни“ од Маша Колановиќ и „Книга на жалоста (Приказната за Нилс во шумата)“ од Марија Наваро Скарангер. Предлогот на Лара Маринковиќ за корицата на романот „Приказна за духовите“ од Лаура Фројденталер и решението на Андреј Лавчански за „Градината од стакло“ од Татјана Цибуљак, исто така ќе бидат дел од оваа едиција. Сите романи вклучени во проектот се добитници на престижната Европска награда за литература.

Целта на проектот „Порта Европа“ е да се создаде книжевна едиција заснована на еколошка заднина што подразбира превод, објавување, дистрибуција и промоција на шест извонредни европски книжевни дела. Исто така, објавувањето на оваа едиција е во насока на ублажување на економските ефекти од рестрикциите предизвикани од пандемијата на Ковид-19 врз издавачкиот сектор, преку соработка со чинители од синџирот на книгоиздателството на домашниот пазар. Во насока на остварување на зацртаните цели, предвидени се повеќе активности, меѓу кои и ангажман на локални визуелни уметници во подем и печатење на книгите на хартија со FSC-сертификат за рационално користење на шумите.

Како дел од мисијата на овој проект, „Арс Ламина – публикации“ ги покани младите илустратори и дизајнери да се вклучат во изработка на креативни визуелни решенија во областа на издаваштвото. Вкупниот награден фонд за победничките решенија изнесува 39.000 денари (односно 6.500 денари за едно решение).

Проектот е во рамките на програмата „Креативна Европа“ наменета за циркулација на европска литература. Издавањето на едицијата „Порта Европа“ e кофинансирано од Европската унија.

Катерина Соколова (1988 г., Кочани) е дипломиран ликовен уметник на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, катедра – сликарство. Нејзините уметнички интереси досега вклучуваат изработка на макети за сценографија, експериментален графички дизајн, уметнички книги, илустрации, инсталации, сликарски перформанси и мурали. Досега имала реализирано четири самостојни изложби, учествувала на повеќе групни презентации и работела на уметнички колаборативни проекти. Моментално работи во модната куќа „ИНТ“ во Кочани, како графички дизајнер на модни додатоци.

Ивона Јанчевска е родена во 2002 година во Куманово. По завршување на гимназијата се дообразува на Академијата за графички дизајн „Бреинстер“. Ова ќе биде нејзин прв професионален ангажман. Вели дека нејзина цел во кариерата е да создава дизајни што ќе мотивираат и ќе ги инспирираат луѓето, оставајќи траен печат.

Лара Маринковиќ е 24-годишна графичка дизајнерка од Скопје. Дипломирала на Факултетот по уметност и дизајн на Меѓународниот балкански универзитет, каде што добила и признание за најдобар студент. Има завршено и графички дизајн на академијата „Семос“. Зад себе има петгодишно работно искуство во маркетинг-агенции, а работи и самостојно на различни проекти. Била асистент на часови по 2Д-анимација.

Андреј Лавчански е роден во 1993 година во Скопје. Високо образование има завршено на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, така што студиите го вовеле во илустрацијата. Има работено и дигитална илустрација. Работи како професионален графички дизајнер повеќе од четири години.

ПР објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: